Генерално е прифатено од едукаторите и лекарите дека повеќето од основните и средните училишта во САД почнуваат со настава многу рано, а сето тоа предизвикува тинејџерите да страдаат од хроничен недостиг на сон. Неодамнешна студија открива дека просекот на времето во кое почнува наставата е околу 8 часот наутро во сите 50 држави. Забележано е и дека времето варира во зависност од државата. На пример, во Луизијана почнуваат со настава најрано, во 7 часот и 40 минути, во просек, а во Алјаска во 8 часот и 33 минути, во просек.
Водечки организации и научници што го изучуваат сонот и спиењето препорачуваат училиштето да започнува во 8 часот и 30 минути, или подоцна. Многубројни организации за детско здравје го тврдат истото – часовите да не почнуваат порано од 8 и 30, со цел тинејџерите да го добијат потребниот сон. Лекарите секогаш предупредуваат на фактот дека тинејџерите не спијат доволно, па затоа многу е веројатно да страдаат од депресија, а и да развијат зависни однесувања, како посегнување по алкохол, дрога или, пак, да имаат слаби резултати на училиште.
Голем број студии потврдиле дека раното станување влијае на мозоците на децата. Раното будење влијае на развојот на мозокот во адолесценцијата. За тинејџерите, вообичаено е да спијат до подоцна. Ним им се потребни барем 8 часа сон за да имаат добро здравје.
Лекарите се едногласни кога тврдат дека повеќе сон им е потребен на тинејџерите и за подобри академски резултати. И Националната фондација за спиење и Американската академија за лекови за спиење во САД препорачуваат 8 до 10 часа сон, како најсоодветно времетраење на сонот за тинејџерите од 14 до 17 години. Тоа ќе доведе до подобрување на концентрацијата, однесувањето, учењето, меморијата, емоционалната регулација, квалитетот на животот и менталното и физичкото здравје. Лошото однесување, на пример, честото менување расположение, иритацијата, мрзливоста и депресијата кај тинејџерите, се поврзува токму со недостигот на сон. Во 2014 година и Американската академија на педијатри препорачала основните и средните училишта да започнуваат со настава во 8 часот и 30 минути, или подоцна. Сепак, само 9,4 проценти од основните и 7,7 проценти од средните училишта ја применуваат оваа препорака.
– Ако нашата цел како едукатори навистина е да ги едуцираме децата и да не ризикуваме животи во самиот процес, тогаш се плашам дека ги изневеруваме нашите деца со овој несоодветен модел на рано започнување на училишните часови – смета д-р Метју Вокер, професор по невронаука и директор на Центарот за научно истражување на спиењето на човекот. Тој работи на промени во таа област бидејќи силно верува дека недостигот на сон има огромни влијанија врз здравјето.
Сепак, една од најдобрите работи што родителите можат да ги направат е да ги охрабрат своите тинејџери да престанат со честата употреба на паметните телефони и компјутери пред да одат на спиење, бидејќи сината светлина што ја емитираат електронските уреди ги држи луѓето будни.
Сината светлина го попречува срцевиот ритам и го намалува лачењето на хормонот мелатонин, кој ни кажува кога е време за спиење. Во просек, тинејџерите се изложени на над 6 часа гледање во екраните, секојдневно. Тоа се 6 часа на попречување на лачењето на мелатонинот. И ако тинејџерот го користи својот телефон пред спиење, големи се шансите да има проблеми со заспивањето.
Автор: Џони Ватикан