– Кога детето е мало, па проодува, кој вели браво? Нормално, мама и тато. Кога ќе научи да вози велосипед, кој вели браво? Повторно мама и тато. И тогаш мајката и таткото им се јавуваат на бабата и дедото за да им кажат. А пофалбите што ги добиваат се потврда дека прават нешто добро. Вака се насочува нивното однесување. И одеднаш, се појавуваат социјалните мрежи. Мама и тато не се таму, има непознати луѓе. А кога пристигнуваат пофалби, тоа се нарекува лајк. Па дали добил два или педесет, има голема разлика – вели Ранко Рајовиќ, невроендокринолог и експерт за детски развој.

Зборувајќи за таа мерна единица на среќата на денешните деца и млади, Рајовиќ вели дека работите сега се многу променети и дека пораката што децата ја добиваат преку бројот на лајкови на социјалните мрежи е дека повеќе ќе бидат забележани ако прават лоши работи.

– Јас тоа и на студентите им го предавам. Да речеме дека имате син кој на татко му му го измил автомобилот. Ова често им го кажувам на родителите, организирајте за детето да го измие автомобилот, да ѝ помогне на мајка си за ручекот, одредете ден за играње друштвени игри, на нашите деца им е потребно малку од нашето време. И сега, ако синот го измие автомобилот и таткото, да речеме, го стави на тоа „Јутјуб“. Колку лајкови ќе добие? Од мама и тато и можеби еден роднина. Три. Но, ако направи некоја глупост, а има еден куп на интернет, да кажеме ги малтретира животните, колку лајкови ќе добие? 100. Гледа каде добива повеќе потврда и пофалба и се насочува во таа насока. Потоа што прават? Ги снимаат другите деца и ги понижуваат. Некој вели дека такво насилство имаше и порано. Имаше, но не вака. Затоа што денес дозволивме нивното однесување да го регулира интернетот наместо тоа да го прави родителот – вели Рајовиќ.

Затоа, Рајовиќ додава дека ни е потребна суштинска реформа на образованието за да ги научи децата на емпатија и вистински вредности, наместо да ги тера да учат информации напамет.

– Не сфативме навреме дека ни е потребна реформа. Во далечната 1997 година компјутерот „Ај-би-ем дип блу“ го победи Гари Каспаров во шах. Една година претходно Каспаров го победи компјутерот, но во 1997 изгуби. За него тоа беше голем удар. Тогаш требаше да сфатиме дека компјутерот стана подобар од нас во однос на комбинации и информации. Треба да почнеме да ги учиме децата она што компјутерот го нема. Нови идеи, креативност, емпатија, тимска работа – вели Рајовиќ.

Извор



912

X