Воспитување

Ранко Рајовиќ: „Децата не се проблем, проблем се родителите“

Медиумите деновиве пишуваат како во Холандија од 1 јануари следната година ќе биде забрането користењето мобилни телефони во училиштата. Дали ова е решението за проблемот што го имаме кога станува збор за зависноста од екраните, не може со сигурност да се каже.

На оваа тема за телевизијата „Н1“ зборуваше д-р Ранко Рајовиќ и раскажа необична анегдота за српско семејство кое неодамна се преселило во Холандија.

– Една мајка, токму од Белград, се пресели со семејството во Холандија и веднаш, откако нејзиното дете тргна на училиште, ѝ рекоа дека мора да има таблет. Мајката се обидела да преговара со училиштето нејзиното дете наместо таблети да користи книги, но таков е законот – мора, освен ако нема медицински проблем. Таа решила да ја однесе ќерка си на лекар, каде што рекла дека детето добива главоболки секогаш кога ќе погледне во екранот на таблетот или телефонот, а тој ѝ ја дал потврдата што ѝ била потребна, па детето било единствено без таблет на училиште. А сега и властите сфатија дека употребата на таблетот не е добра – рече Рајовиќ и додаде дека земјите полека сфаќаат и почнуваат да носат регулативи и закони за да се реши проблемот со користењето на екраните кај децата.

Тој додаде дека кај децата што поминуваат многу време пред екранот е забележан зголемен степен на агресивност и недостиг на емпатија и дека ние сме тие што треба да им помогнеме на децата. Сепак, како што објаснува тој, проблемот не се децата.

– Проблемот се родителите. Мора прво да им објасниме дека е штетно, зошто е штетно, какви се последиците, па потоа полесно ќе му објасниме на детето – вели Ранко Рајовиќ.

Проблемот е присутен уште во градинка бидејќи таму децата од пет и шест години бараат од учителката да биде вештерка која трча низ градинката за да ги убие.

– Постои игра наречена Грени. Погледнав малку и видов дека е некоја страшна баба која го убива дедото, а потоа трча по дома да ги убие децата. Па кој им дозволи на децата да го гледаат? Родителите – предупредува Рајовиќ.

На прашањето дали е доцна да се бориме против користењето мобилни телефони само на училиште, д-р Рајовиќ вели дека никогаш не е доцна.

– Телефоните и сите допамински рецептори предизвикуваат зависност кај децата, која се јавува многу брзо. Еве ќе дадам еден пример. Мачката доби таблета и лежи, го држи таблетот и гледа, а на екранот има уште неколку мачки. Потоа ѝ го земаат таблетот, а таа го фаќа со сите четири нозе, не дозволувајќи да ѝ го земат. Замислете мачка доби болест на зависност, па што ќе прави нашето дете, нашето дете нема шанси да ѝ се спротивстави на зависноста – предупредува д-р Рајовиќ.

Осврнувајќи се на безбедносниот проблем што постои кога децата сами одат на училиште и разбирливата потреба на родителите да сакаат да можат да стапат во контакт со своето дете и да знаат каде е, Рајовиќ вели дека тоа е проблем на општеството.

– Ако имаме училиште во близина и ограничување од 30 километри на час, тогаш некој не може да вози таму 60. А ако има, законот треба да пропише веднаш да оди на психијатар. Тогаш родителите би биле мирни, барем на тој дел од патот од дома до училиште – вели Рајовиќ.

Што значи пофалбата за детето?

Друг проблем, објаснува Ранко Рајовиќ, се однесува на насилството меѓу врсниците.

– Детето сака да го фалат и тоа е нормално, вродено. Мозокот се подобрува секојпат кога учиме нешто ново. Да речеме, кога детето оди, одеднаш чувствува голем наплив на среќа, родителите можат да го видат тоа. Зошто? Па, затоа што мозокот е орган за преживување и го наградува детето за постигнатото. Пораката на мозокот е „браво, полесно ќе преживееме“. А хормоните на среќата пристигнуваат затоа што детето е среќно кога ќе научи нешто ново, како и кога ќе освои нешто, било да е тоа трчање, скок во далечина или нешто друго. И тогаш се појавуваат некои лајкови. Јас ги нарекувам несреќни лајкови. Детето прави нешто, го објавува на социјалните мрежи и добива 5, 6 или 50 лајкови. И кога добива најмногу лајкови? Па, кога снимаат насилство. А тоа би се решило со одземање телефони во училиште – тврди Рајовиќ.

Ова не би го решило целосно проблемот со врсничкото насилство, ниту пак можеме да го обвиниме интернетот за тоа насилство. Но, агресивните игри се една од клучните работи, заклучува Рајовиќ.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top