Детството е совршено време за да се почне со спорт бидејќи брзо учиме, сакаме да си играме и да откриваме нови работи. Спортот е одличен за развој на телото и духот на малечките, што го потврдува и Саша Кандиќ, тренер со искуство подолго од 30 години и претседател на Здружението на тренери во Белград, Србија.

Кандиќ во својот клуб има бесплатна школа за ракомет за деца од 1. до 4. одделение и зборува за предностите на спортот, односно талентот и упорноста, но и начинот на кој родителите може да го одберат спортот кој одговара за нивното дете.

– Нашето училиште е бесплатно за нижите одделенија бидејќи сакаме да ги мотивираме родителите да ги испратат децата на овој убав спорт кој го развива и телото и духот. Ние, пред сè, играме, детето добива задача – да собере два броја, а потоа да шутира кон голот, или во повисоките одделенија добива прашање од историја, географија… не е тоа само фрлање на топката, туку и развивање на интелектот – вели тренерот.

Тој наведува дека талентот е важен, но не и пресуден за детето што сака да се занимава со спорт – нешто друго е многу поважно.

– Талентот е важен како некоја влезна врата во спортот, но не мора детето да биде претерано талентирано. Во спортот успева оној што има талент за работа. Најталентираните момчиња што сум ги тренирал останувале зад оние што биле поупорни, повредни од нив – вели тој.

Како родителите да го изберат спортот за детето?

– Запишете го детето на кој било спорт, сите се одлични за развој. Нека се обиде со повеќе спортови, па што ќе му се допадне, на тоа нека се фокусира. Детето би требало да се носи на повеќе спортови додека е малечко, на атлетика или вештини за борење, да ги совлада одењето, трчањето и паѓањето. А кога ќе наполни 8-9 години, фрлете му ја топката и видете што ќе избере самото – вели тој.

Извор



912

X