Воспитување

Радувајте се, вашето дете не станува прваче секој ден!

Ви се чини дека вчера го донесовте од родилиштето, мало, нежно, а денес веќе го подготвувате да тргне во прво одделение. Како летна времето? Тоа беспомошно бебе стаса за школо и за нов период од животот, а вам ви се чини дека е уште мало за тоа, дека нема да се снајде, дека можеби нема да му се допаднат учителката и другарите, дека нема да знае да ја најде училницата, дека ќе прави уши на тетратките и книгите, дека ќе му недостига мама…

Не создавајте нервоза во домот

Загрижени сте? Не сте единствени! А бидејќи нема полза од тоа, потрудете се да ги оттргнете стравовите, а не да му ги пренесете на вашето дете. Имате само неколку дена да го релаксирате и да го подготвите за почеток на нови големи авантури.
Најважно е овие денови да бидете смирени и да не создавате непотребна нервоза во домот зашто детето ќе ја почувствува, а потоа ќе имате два проблема. Потрудете се што помалку да зборувате училиштето, освен ако вашето прваче не инсистира на тоа, но и тогаш избегнувајте да ја драматизирате ситуацијата.

Наместо да зборувате за организациските проблеми што ви претстојат, барајте решенија. Доколку не сте го направиле тоа, земете годишен одмор или слободни денови за првите две недели од новата школска година.
Дозволете му на детето да си игра, да гледа цртани, да се дружи со другарите, особено со оние што исто така се првачиња, и трудете се што повеќе време да поминувате заедно, како семејство.
Ако веќе не сте купиле ранец, направете го тоа овие денови. Не мора да купувате сè ново, доволно е едно парче облека во кое детето ќе се чувствува убаво, пријатно и свечено. Не му требаат кошули со јака и каиш кои ќе го стегаат, ни фустан да не може да седне, сандали што го стегаат…

Не заканувајте му се со учителката

За да ги разбудите љубопитноста и самостојноста кај детето, замолете го да ве однесе до училиштето. Попат нека ви објаснува како се преминува улица, како се оди во група со други деца, зошто не смее да доцни на часовите, а вие поставувајте прашања и внимателно слушајте ги неговите одговори. Овие денови на влезовите на училиштата ќе бидат истакнати списоци со децата според одделенијата, па би било добро да проверите дали некое дете од градинка ќе оди во исто одделение со вашето.
Секој ден, на ручек или на вечера, или кога го заспивате, зборувајте за тоа како се чувствува, дали е исплашено, дали се радува за одењето во училиште.
Овие денови, бидејќи се ближи почетокот на училишната година, поместувајте го времето за легнување и разбудувајте го детето порано за постепено да се навикнува на новиот ритам. Не правете драма од тоа, не плашете го, не заканувајте му се со учителката, со домашни задачи и лоши оценки зашто училиштето треба да биде чиста радост. Радувајте се и вие, вашето дете не станува прваче секој ден!

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top