Воспитување

Радувајте се на првата зима со вашето бебе

Има снег. Кратките прошетки и престојот на отворено ќе му помогнат на бебето, доколку не е претерано ладно, да се аклиматизира, да се навикне на промените на годишните времиња и на температурите. Студениот воздух ќе ги смири, па подобро ќе спијат, а организмот ќе им биде поотпорен, но само ако температурата е повисока од нула. Кога живата на термометарот оди во минус или ако дува силен ветар, бебето можете да го изнесете надвор накратко, пет до десет минути.

Еве уште неколку добри совети:

Новороденчињата, бебињата помали од една година и сосем малите деца немаат добра терморегулација, па затоа треба да се облечат во слоеви, бидејќи така се спречува загуба на енергија. Првиот слој на облека секогаш треба да биде лесен (боди, бенкица, хеланки), па врз него доаѓаат панталоните или тренирките, дуксер со долги ракави и на крај зимската јакна. Се подразбира и плетена капа, чизми, дебели чорапи и ракавици. Доколку е потребно, ослободете го детето од вишокот облека, а ако му е премногу студено, завиткајте го во ќебе.

Инаку, облеката на децата треба да биде од природни материјали, по можност памук и волна.

Кога бебето го возите во автомобилот, прво ставете ги во седиштето, заврзете го, а потоа ако е потребно, покријте го со ќебе. Исто така, важно е неколку минути пред да го внесете бебето во автомобил да ја вклучите климата за да го загреете. Ако одите на подолги релации, откако ќе се загрее автомобилот, тргнете го ќебето.

Кога го изнесувате своето дете по ладното надвор, бидете внимателни да не го притискате многу на своите гради во желбата да го заштитите од ветерот за да може слободно да дише. Исто така, немојте носилката со бебето да ја покривате со ќебе или со пелена бидејќи тоа го спречува нормалното циркулирање на воздухот.

Бебињата нема да уживаат и ако е премногу жешко во станот. Топлиот воздух е сув и негативно влијае врз нежната кожа на детето и чувствителните респираторни органи. Особено е важно ноќната температура да е од два до три степени пониска од дневната, за бебето да може добро да спие.
Поради сувиот воздух, кожата може да стане црвена, сува и иритирана, па поради тоа, бебето не треба да го бањате секојдневно, но затоа треба да користите хидратантни кремови и лосиони.

 

Поврзани написи

To top