Современото родителство дефинитивно е прашање на избор и место на развој, а не само статусен симбол на постоењето во општествената матрица, вели Радмила Живановиќ, психолог-психотерапевт во рамките на „Психотерапика“. Разговаравме за психологијата и себеспознанието, прифаќањето на различностите, за Деновите на психологијата 2018 во чија организација е активно вклучена…
Како гледате на современото родителство?
– Од позицијата на која се наоѓам, како родител на посвоено дете, родителството го сфаќам како еден постојано променлив концепт и процес кој бара од нас постојано адаптирање на барањата на родителската улога. Tоа истовремено наметнува и прифаќање на различностите и обид секој да биде на местото на ученик и учител, и децата и родителите.
Сметам дека родителството е еден наш капацитет за артикулација на потребите во денешен малку изменет и покомплексен систем на релации и односи. Ние сега и тука сфаќаме дека како родители, треба да развиваме однос на доверба, соработка и заемно разбирање со децата, однос на основан авторитет, авторитет на поддршка, влијание и грижа. Во исто време, родителство кое ќе е дотолку отворено и флексибилно да се развива и менува без некој јасно дефиниран и очекуван квалитет, туку како феномен на присутност на она што единствено постои во даден момент, контактот и релацијата која ја имаме и градиме со нашите деца.
Не постојат стандарди по кои можеме да се наречеме добри или лоши родители, постојат услови и контексти кои упорно нè водат на место на кое ние ќе се однесуваме на одреден начин со нашите деца, отсликувајќи ги притоа емотивните багажи на нашето сопствено растење и воспитување. Современото родителство дефинитивно е прашање на избор и место на развој, а не само статусен симбол на постоењето во општествената матрица.
Современ родител, според мене, е оној што не се плаши да се развива надвор од општествено сетираните лимити и сопствените ограничувања и изнаоѓа начини како да го препознае и искористи сето она што го поседува како потенцијал за да ги поддржи децата во нивната развојна битка. Тој е многу отворен, флексибилен, со почит и кон сопствено време и кон сопствените желби, а воедно и некој што ги уважува своите деца како еднакво значајни и битни за развојот на семејната динамика.
Што како човек имате добиено од професијата, а и каков белег Вашиот живот ѝ даде на професијата?
– Како психолог-психотерапевт професијата ми има дадено една поинаква перспектива на животот, што значи и еден неуморен процес на себеоткривање и растење. Ми има дадено поинакво вредносно поимање и значење на животот, која е мојата и наша улога во тоа значење, а истовремено ми понуди многу поголема отвореност, хуманост, поголемо разбирање за луѓето и нивните потреби, за тоа дека не сум сама на овој свет, но дека комуницирам и создавам со многу други поразлични од мене. Ми даде практичен, но и длабок пристап кон животните случувања, ме штити од суетата, егоизмот, сè-знаењето, ми дава земја по која можам да одам, но и да се вкоренам, кога ќе одлучам дека тоа е моето парче земја.
Мојот живот исто така ѝ даде огромен белег на мојата професија, и сè уште го прави тоа. Овој процес е заемен, не постои дуалност помеѓу тоа што сум јас лично и професионално, затоа што сакам да верувам дека интеграцијата е потребна и ние не можеме да бидеме дотолку различни во една и во друга ситуација, посебно во вака помагачка и поддржувачка професија.
Веројатно и мојот избор на професија доаѓа од една моја лична заднина, потребата да ги разберам луѓето, да се обидам да најдам нешто повеќе од видливото, па таа креативност и љубопитност да ја развивам во она што го имам и никогаш да не се успокојувам во еден ист повторувачки механизам. Дел од овој живот е и да се предизвикувам, градам, она што го имам како човечка вредност да го интегрирам во работата, а мојата сензитивност да ја ставам во функција на релацијата што ја градам со клиентите. Мојата позиција на сопруга и мајка ми овозможува многу поблиску да сочувствувам со приказните и прашањата на другите со кои работам.
Работите гешталт-психотерапија и со деца и со возрасни, но вклучувате и други пристапи…
– Мојата базична психотераписка работа е гешталт-психотерапија, но веќе одреден период интегрирам различни и за мене соодветни пристапи во работата кои ми ја даваат слободата да бидам многу покреативна и поспремна да гледам и да работам со клиентите на прашањата што ми ги носат. Тоа подразбира вклучување и на моето искуство од социјална психотерапија, телесна психотерапија, игровна психотерапија, како и многу понасоченото и поспецифично кариерно советување. Работам со различна популација на клиенти, од деца и нивните родители, до млади и возрасни и нивните поинакви прашања и дилеми.
Честопати работам здружено со професионалната поддршка од колеги, со кои ги делиме љубовта и енергијата за применетата психологија и психотерапија. Организирам и спроведувам искуствени тренинзи за психотераписки пристапи кои можат да бидат апликативни и да ја поддржат работата на другите психотерапевти-колеги. Работам и како консултант во областа на групната динамика, комуникациски стратегии и вештини и интерперсоналната комуникација.
Активно сум вклучена во работата на психолозите во рамките на Комората на психолозите на Република Македонија, како и во овогодишниот настан Денови на психологија 2018: Одблизу со психолозите-Ајде да зборуваме за…
Сметам дека психоедукацијата е обврска на секој психолог што директно работи со луѓе и се занимава со нивните горливи прашања затоа што постојат многу несоодветни ставови и убедувања во однос на улогата на психологот и неговата дејност во адресирање на овие прашања на унапредување и нарушување на менталното здравје.
Што симболизираат Деновите на психологија?
– Деновите на психологија е концепт кој симболизира и обезбедува простор за реализација на акцискиот потенцијал на психологот преку сопствена или здружена акција да артикулира и адресира одредени прашања на оние со кои работи, во заедницата каде што самиот живее и создава. Овој настан претставува можност сите ние, психолозите, активно да размислуваме и да придонесуваме кон видливоста и препознатливоста на нашата професија. Одговорноста ја лоцираме кај нас самите и се обидуваме да ги искомуницираме пораката и начинот на работа со сите заинтересирани целни групи. Самата акција го дава просторот за сопствена слобода и изразување, можност за видливост и поврзување, како и за многу поапликативни начини на доближување на професијата до секого. На еден начин, не може никој друг да ни ја тргне сенката и да нè натера да излеземе во светлината, освен ние самите. Со првиот настан психолозите се промовираа како чувари на менталното здравје под слоганот „Грижата за себе е грижа за тебе“, а со овогодишниот настан „Одблиску со психолозите: Ајде да зборуваме за…“ ние, психолозите, се обидуваме да ги отвориме сите теми што сметаме дека треба малку постручно да бидат искомуницирани со пошироката јавност. ДП2018 се реализира во актуелниот период од 19 до 25 ноември 2018 со пријавени околу 80 психолошки акции (средби, трибини, предавања, работилници, медиумски претставувања и сл.) низ цела Македонија. Многу од овие акции интензивно се промовираат на фејсбук-страницата на Денови на психологија 2018.
Многу од пријавените акции ставаат посебен фокус на промените што се случуваат во однос на родителството, родителските стилови, релациските капацитети на семејството, начини и техники на справување со настанатите промени во родителската улога, активности за стимулирање на развојот на децата и младите и сл. Тоа значи дека психолозите многу активно се вклучени во комплексниот психолошки развој на децата, младите и нивните семејства, и треба да бидат консултирани и вклучени во моментите кога на родителот или родителите, како и на семејствата, им е потребна стручна помош и поддршка.
Во кои други улоги се пронаоѓате и Ви се исклучително значајни?
– Мојот личен живот вклучува релации со исклучителни луѓе, партнери на животот. Тука е мојот сопруг, кој е моја огромна поддршка и мој најблизок и најинтимен соработник, партнер и другар. И секако од пред 5 години со нас е мојата ќерка, која е исто така и мојот најголем учител, која ја дели и гради нашата огромна љубов, без која не знам како ќе ми течеше животот, која ги смени и ги продлабочи уште повеќе моите сфаќања за животот, ме направи уште поотворена за промените и за убавините што може да ги донесе љубовта – таа која ме прави мајка.
912