Игротека

Работи за кои родителите најмногу се грижат, а не го прават детето подобра личност

Родителите понекогаш премногу се грижат за работи што, на долг рок, немаат вистинско влијание врз тоа во каква личност ќе порасне нивното дете. Во обидот да направат сè како што треба, понекогаш забораваат што е важно. Еве неколку примери за работи што често се преценети, а всушност нема да го направат детето ни попаметно, ни подобро, ни понежно.

Платнени пелени

Многу родители се одлучуваат за платнени пелени поради еколошки или здравствени причини. Но, дали пелените се платнени или за еднократна употреба нема никакво влијание врз моралниот развој на детето. Освен фрустрација и многу перење, оваа одлука не е клучна за тоа во каква личност ќе порасне детето.

Доење

Доењето има свои предности, тоа никој не го негира. Но ако детето, од каква било причина, се храни со вештачко млеко, тоа не значи дека ќе биде помалку емпатично или помалку интелигентно. Експертите предупредуваат дека притисокот за исклучиво доење може да предизвика чувство на вина, анксиозност, па дури и постпородилна депресија. Важно е да се знае дека доењето го храни детето, но не го дефинира како личност.

Домашна и органска храна

Многу деца растат со храна приготвена од свежи, домашни, органски состојки и тоа е за пофалба. Но тоа не значи дека тие ќе бидат подобри личности од оние што јадат купечка кашичка. Преголем фокус на правилната исхрана може да создаде анксиозност околу храната и нарушен однос. Најважно е децата да јадат разновидно и редовно.

Спиење: каде, кога и како

Некои родители претпочитаат заедничко спиење, други го следат методот „остави го да плаче“. Некои ги нишаат децата до трета година, други ги успиваат за една минута. И сите се прашуваат – дали тоа што го правам е правилно? Вистината е дека сè додека детето е безбедно и сакано, начинот на кој спие не е пресуден за неговиот развој. Премногу грижа за спиењето повеќе ги исцрпува родителите отколку што му користи на детето.

Што навистина е важно?

На крајот, не е важно дали сте користеле платнени пелени, дали сте го приготвувале секој оброк или сте го доеле детето до една година. Важно е дали сте му покажале љубов на детето, дали сте биле доследни и дали сте го научиле што е добро, а што лошо. Вредностите, емпатијата и карактерот не се пренесуваат преку пелени или блендер, туку преку секојдневни примери и односи. А најважното што можете да го направите за своето дете е да бидете присутни и да го водите преку вашето однесување.

Извор

Поврзани написи

To top