Бри Наджера во една колумна за веб-страницата „Mother.ly“ споделува неколку работи во кои верувала откако се породила и кои, за среќа, се покажале како невистинити.
„Да бидеме искрени. Првите неколку недели и месеци со новороденче можат да бидат прилично хаотични. Сите го знаеме тоа, но од некоја причина, многу мајки ја ублажуваат таа вистина за да ја истакнат убавината на животот со новороденче“, пишува таа.
Бри ги споделила петте работи кои, ако сте станале мајка неодамна, можеби и вам ви поминале низ глава и кои не се вистинити.
„Секако дека е магично да се роди дете. Да, мирисот на новородено не може да се спореди со ништо на светот. Да, сите сме среќни што станавме мајки. Но за мене, особено затоа што се борев со лајмска болест и постпородилна депресија, животот по породувањето беше еден од најмрачните периоди.
Излегов од таа темнина и сега знам дека многу од работите во кои длабоко верував не беа вистинити. Ако и вие сте сега во тој период, направете си услуга и продолжете со читање.
„Никогаш повеќе нема да спијам“
Физички е невозможно една мајка никогаш повеќе да не спие. Фазата со новороденче е токму тоа, фаза. Вашето дете ќе почне да спие, и вие ќе почнете да спиете. Ќе дојде време кога и двајцата ќе преспиете цела ноќ и ќе се разбудите свежи. Запомнете дека нема секогаш да биде вака!

„Никогаш повеќе нема да патувам или да правам нешто забавно“
Добро утро! И мајките се луѓе. Да, некое време ќе треба да бидете дома и блиску до бебето, но ќе дојде момент (побрзо отколку што мислите) кога повторно ќе можете да ги правите сите тие забавни нешта. Повторно ќе излегувате на вечера, на пијачка, на патување. Ќе имате нови авантури. Ќе се чувствувате повторно како таа „старата“. Верувајте, забавата не е завршена.
„Моето тело е уништено“
Вашето тело сега можеби ви изгледа како вреќа со компири, со подочници и болки, како да никогаш повторно нема да седите удобно без ладна облога.
Но, погодете што? Ќе можете. Неверојатно е како телото се менува поради нашите бебиња, но уште поневеројатно е колку брзо може повторно да се врати во форма. Можеби нема да изгледа баш идентично, но со малку трпение и труд ќе изгледа скоро исто како пред тоа.
„Никогаш повеќе нема да бидеме сами“
Бебињата не го окупираат само домот, туку и спалната соба. Но ова е само привремено. Вашето дете ќе се пресели во својата соба. Ќе почне да спие подолго, преку ден и ноќе. Еден ден ќе оди во градинка, па на училиште. Не потценувајте ја важноста на времето со партнерот. Тоа ќе се врати.
„Никогаш повеќе нема да излезам од оваа облека, ниту од дома“
Кога ќе родите, чувството е како никогаш да не ја менувате облеката која е извалкана со млеко или повраќаници. Но, не грижете се. Во некоја блиска иднина повторно ќе почнете да се облекувате убаво, ќе се шминкате, ќе си ги вратите стилот и самодовербата.
Автор: Бри Наджера
Извор