Родителството е едно од најубавите, но и најпредизвикувачки патувања во животот. Иако сите тргнуваме со љубов и најдобри намери, честопати нѐ обземаат сомнежи, замор и прашањето: „Дали ова го правам како што треба?“
Во морето од секојдневни обврски, дилеми околу воспитувањето, непроспиени ноќи и јадење „набрзина“, ретко слушаме реченици што нè смируваат, охрабруваат и потсетуваат дека е доволно само тоа што сме присутни, посветени и полни со љубов.
Затоа, денес ви ги пренесуваме овие 10 реченици што секој родител би сакал да ги чуе.
Добро си ја вршиш својата работа – Дури и кога се чувствуваш несигурно. Дури и кога целиот ден ти е хаотичен. Твоето дете ја гледа и ја чувствува твојата љубов. А тоа вреди повеќе од сите „правилни“ постапки.
Не си сам – Не постои родител што барем еднаш не се запрашал: „Што сега?“ Или што не почувствувал вина, тага, немоќ. Не си единствен и не си сам. Многумина молчат, но сите понекогаш така се чувствуваат.
Имаш право да бидеш уморен – Затоа што со денови си буден, присутен, одговорен. Заморот не значи слабост туку дека даваш сè од себе.
Твоето дете не сака совршен родител, туку те сака тебе – Токму таков каков што си, со сите доблести и мани. Автентичен. Со љубов и со грешки.
Грешките се дел од процесот – Родителството не е задача што се решава, туку однос што се гради. А сите односи растат низ обиди, падови и учење.

Она што сега изгледа како хаос еден ден ќе биде топло сеќавање – Денот кога не стигна да ги измиеш садовите, но се смеевте заедно. Или оној кога заспа со малото раче во твојата. Тоа се приказните што остануваат засекогаш.
Можеш да кажеш „не“ затоа што и тоа е љубов – Поставувањето граници не значи дека си строг. Тоа значи дека се грижиш. Дека го учиш детето како да живее во светот, а не надвор од него.
Твоите емоции се важни – Имаш право да бидеш тажен, загрижен, збунет. Децата не бараат совршенство, туку искреност. Со тоа ги учиш дека и тие смеат да чувствуваат.
Понекогаш е доволно само да бидеш тука – Не мораш да имаш одговор на сè. Самото твое присуство често е лек што ништо друго не може да го замени.
Ти благодарам – Што се грижиш. Што учиш. Што гушкаш, објаснуваш, се преиспитуваш. Што љубиш без граници.
Ако си родител што го чита ова – знај дека си важен.
Твоето дете те има тебе.