Воспитување

Работи што никој не им ги кажува на родителите на тинејџери

Воспитувањето на нашите четири деца, вклучително и одгледувањето на синот тинејџер, е радост во мојот живот. Имаме три момчиња и едно мало девојче. Нашата ќерка е мала и сè уште не стигнала до претпубертетските години, но нашите синови се друга приказна.

Постои голема разлика помеѓу малите деца, помеѓу момчињата (и девојчињата) и тинејџерите.

Како наставник, терапевт за развој на деца и мајка, можам да кажам дека тинејџерските години се прекрасни и истовремено страшни. Всушност, еден од моите омилени делови од денот (а исто така и оној што ми е најтежок затоа што сум истоштена) е кога ќе останам да доцна да разговарам со нашите постари момчиња пред да си легнат.

Тие разговори доцна во ноќта се најдобри (овие разговори пред спиење ги почнавме кога беа помали), дури и ако тоа значи дека темни кругови околу моите очи се малку потемни следниот ден.

Повеќето од моите пријатели се родители на тинејџери… Минатата недела зборувавме за работите што никој не ви ги кажува кога воспитувате момче-тинејџер.

Како да воспитате тинејџер со вредности?

Пред неколку години научив дека годините помеѓу да се биде момче и да се биде маж се важни. Тие години навистина прават разлика. Тоа се моменти кога нашите синови повеќе не се малечки момчиња, но и не се доволно возрасни.

Во оние моменти кога се однесуваат како да им требате помалку, всушност, им требате повеќе од кога било. Истражувањата покажуваат дека треба да поминуваме повеќе време со нив сега кога се во тинејџерски години.

Ве охрабрувам да најдете нешто во кое ужива вашето дете, па правете го тоа со него: играјте видеоигри, кошарка, седете и разговарајте со него, одете некаде заедно. Едноставно, бидете со него. Нема да има 13 години многу долго, па искористете го ова време за да го воспитате да биде мажот што сакате да биде кога ќе порасне.

Овие моменти прават разлика – тоа е клучот за поврзување со вашите тинејџери. Затоа овие години се толку важни.

  1. Потребно е да ги слушате

Пред неколку години слушнав непроценлив совет: „Откако твоето дете ќе наполни 13 или 14 години, тоа го знае твоето мислење за сè. Твоја работа отсега е да замолчиш и да го слушаш.“

Се сеќавам дека се чувствував малку дефанзивно кога првпат го слушнав овој совет. Имав толку многу знаење што требаше да го споделам. Работите се менуваат, како би ја понудила мојата мудрост за идните проблеми?

Да, работите се менуваат. Како возрасни, мислиме дека знаеме сè за тинејџерскиот свет, но оваа брзо движечка планета брзо ги менува работите. Еве што научив: кога ќе одвоите време да слушате, навистина да слушате, вашите деца ќе побараат мислење од вас.

2. Научете ги дека не се врти сè околу нив

Научете ги децата дека не се центарот на универзумот. Ова е тешка лекција, особено затоа што тие се центарот на вашиот универзум.

3. И луѓето што изгледаат и живеат различно од вас имаат вредност

Научете ги децата да се дружат со различни личности без оглед на бојата на кожата, религијата, полот. И вие правете го истото. Ќе бидете подобри луѓе поради тоа. Кога децата ќе видат дека се дружите само со луѓе како вас, тие ќе го доведат во прашање вашиот кредибилитет.

Научете ги децата да патуваат надвор од нивната заедница/земја и да слушаат и да учат.

4. Учете ги на емпатија

Не мора да искусите нечија болка, само дајте до знаење дека знаете дека е присутна болката и дека сте таму за личноста.

Може да помогне ако дискутирате за ситуации што вашиот тинејџер ги гледал на телевизија. Важен е и примерот што ќе им го поставите. Во ред е да им дозволите на вашите тинејџери да видат дека и вие сте луѓе. На пример, раскажете им приказна за тоа дека некој ваш пријател бил во неволја, што сте размислувале во тој момент и што сте направиле за да помогнете.

5. Не можете сосила да му се допаднете некому

Важно е нашите деца да знаат дека не секој ќе ги сака без оглед на она што го прават и како се однесуваат и тоа не може да се промени. Не можат да направат ништо во врска со тоа, освен да бидат љубезни и да продолжат понатаму.

6. Не очекувајте веднаш да го направат она што го барате од нив

Не очекувајте вашите деца веднаш да го направат она што го барате од нив. Почитувајте го фактот дека на децата им е потребно време да го завршат она што го правеле претходно. Ако децата читаат, тогаш замолете ги да го завршат пасусот, а потоа вашата задача.

Исто како што не би очекувале сопругот/сопругата веднаш да скокне штом го/ја викнете, така треба да им дадете на децата доволно почит да го завршат она што го прават пред да се префрлат на вашата задача.

7. Вашиот начин не секогаш ќе биде правилниот

Бидете отворени да ги гледате работите од различна гледна точка. Понекогаш гледната точка на тинејџерот може да е подобра. Бидете отворени за различни предлози и сугестии.

8. Не значи не

Кога одите на состанок со некоја личност, сфатете дека не значи не и не се обидувајте понатаму.

Кога некој ќе каже не, тоа значи дека не сака што и да му нудите. Обидете се ова да им го доловите на вашите тинејџери. Дајте им до знаење дека една лоша одлука може да промени сѐ.

9. Преземете одговорност за вашиот живот

Преземете одговорност за победите и за загубите. Ако не ви се допаѓа нешто во вашиот живот, не обвинувајте некој друг. Преземете одговорност и работете напорно за да го поправите тоа. Токму ова треба да ги научите вашите деца.

– Животот е 10 отсто од она што ти се случува и 90 отсто како реагираш на тоа – Чарлс Р. Свиндол.

Автор: Беки Мансфилд

Извор

Поврзани написи

To top