Воспитување

Работи што не сакаат да ги слушнат вработените мајки

Вработените мајки често се борат со чувство на вина: дали пропуштаат нешто, дали поминуваат доволно време со своите деца? Борбата со ова чувство е доволно тешка и без коментарите со кои се соочуваат.
Да се биде мајка е една од најсложените, ако не е и најсложената работа во светот. Се разбира, постојат работни места каде што се бара тешка физичка работа, работни места кои ја исцрпуваат и последната човечка моќ, но да се биде одговорен за еден живот и за подигнување на добра и квалитетна личност, воопшто не е лесно. Има мајки што сакаат да се вратат на работа за да остварат комуникација со „возрасни” лица , некои се враќаат поради тоа што нивната работа ги исполнува, некои заради финансиската состојба, или едноставно тоа го сакаат.

Еве ви краток преглед на работи што ниту една вработена мајка не сака да ги слушне:

Не се плашиш дека детето ќе ја изгуби довербата во тебе?
Ако мајката оди на работа, не значи дека не е таму за своето дете. Да се биде мајка што работи нема никаква врска со запоставувањето на децата. Тоа е погрешен начин на размислување.

Мене децата премногу би ми недостигале ако одам на работа
Немаат сите можност да изберат да останат дома или да се вратат на работа. На мајката ѝ недостигаат децата додека е на работа, па вие не мора да ја потсетувате на тоа.

На жената местото ѝ е дома со децата
Ова нема потреба да се коментира. Сексистичка изјава на која местото ѝ е во некое друго време, векови наназад.

Изненаден сум што одлучи да се вратиш на работа. Твојот сопруг ми изгледа успешен
Тоа што мажот е успешен не значи дека жената не мора или не сака да работи. Оваа изјава, исто така, сугерира дека знаете каква е ситуацијата во семејството, што во повеќето случаи не е точно.

Леле, изгледаш страшно!
Вработените мајки немаат многу време за козметички третмани, лежење во када, понекогаш дури и спиењето е луксуз за нив. Затоа немојте да се чудите ако не се средени секој ден.

Јас никогаш не би допуштила некој друг да ги воспитува моите деца
Ако детето оди во градинка или има дадилка, тоа не значи дека мајката не го воспитува. Родителските средби, одењето на лекар, на роденденски прослави, учењето пишување, читање, одење на излет, на море, спиење со него, гушкање: ако тоа не е одгледување на детето, тогаш што е?

Поврзани написи

To top