Ако некогаш си рекла „извини за нередот“ кога некој влегува во твојот дом, овој текст е за тебе. Затоа што реално, кога имаш деца, чисти подови и уредни ормани се само бајка.
Ако имаш мали деца и куќа во совршен ред, или си волшебник или имаш премногу помош. Зашто повеќето од нас живеат во свет со играчки расфрлани насекаде, чаши на секоја маса и алишта кои никогаш не стигнуваат до шкафовите. И тоа е сосема нормално. Еве што треба да прифатиш кога ќе станеш родител:
Една соба засекогаш ќе биде „работна зона“ – Можеби тоа е дневната соба преполна со лего-коцки или трпезаријата која се претворила во мала работилница. Сето тоа е знак дека во твојот дом има живот.
Мијалникот ќе биде секогаш полн – Секогаш има нешто во него и секогаш има уште што да се измие. Ако дојдеш до точка да јадеш супа со виљушка, време е за машина за садови.
Играчки насекаде. И ќе останат насекаде – Ако во тоалетот те чека диносаурус, добре дојде во клубот.
Чаши, чаши и уште чаши – Децата пијат на секои пет минути. Но никогаш не ја користат чашата двапати. Ако имаш мала колекција низ станот, не си единствена.

Автомобилот ќе ти биде мал контејнер – Кадифени играчки, шишенца, колачиња, чевли, хартиени авиончиња, сè е таму. Никој нема чисто возило ако има деца.
Некој дел од станот нема да функционира со години – Скршен туш, врата што крцка, светилка што чека да биде поправена итн.
Ѕидовите и мебелот ќе минат низ уметничка фаза – Молив на ѕидот? Темпера по каучот? Тоа е само привремена изложба.
Ако си мајка и твојот стан изгледа како низ него секојдневно да минува торнадо, не си сама. Престани да се извинуваш. Нередот не значи дека не си добра мајка. Тоа значи дека имаш деца. А тоа е најубавата и најнеуредна работа на светот.