Игротека

Работи што децата ги забележуваат, иако мислиме дека не внимаваат

Можеби мислите дека вашето дете не обрнува внимание на она што се случува околу него, но експертите истакнуваат дека децата често гледаат, слушаат и разбираат многу повеќе отколку што очекуваме. И не станува збор само за зборовите што директно им ги упатуваме, туку и за начинот на кој зборуваме за себе, за другите и за нив, како и за нашето секојдневно однесување.

Психолози и нутриционисти откриваат какви пораки децата несвесно впиваат и како можеме да ги претвориме тие пораки во можности за позитивно влијание.

Како зборувате за партнерот и другите што се грижат за детето

Мислите дека вашето дете не гледа кога превртувате со очите кон партнерот или кога ќе дадете ироничен коментар за неговата мајка? Се лажете.

– Децата многу добро ја забележуваат динамиката меѓу возрасните, дури и кога се во друга соба – објаснува психологот Џезмин Мекој.

Позитивниот говор за другиот родител или за оние што се грижат за детето, дури и кога не се присутни, кај детето поттикнува чувство на сигурност и емоционална стабилност.

Како зборувате за своето тело

Децата многу брзо впиваат пораки поврзани со телото и тоа не само преку зборови, туку и преку однесување.

– Ако постојано ги бришете своите фотографии или ги избегнувате огледалата, децата ќе заклучат дека нешто не е во ред со телото – вели нутриционистот Алисa Милер.

Возрасните несвесно го обликуваат односот на детето кон сопственото тело, па затоа е важно да се испраќаат пораки на прифаќање и грижа.

Што навистина ви е важно

Може да кажете дека спортот е важен поради забава и тимски дух, но ако првото прашање ви е „Кој победи?“, детето ќе запамети дека победата е најважна.

– Децата не ги учат вредностите од она што го зборуваме, туку од она што го доследно го правиме – вели психологот Лора Маркам.

Како се однесувате кон себеси

Ако сте премногу строги кон себе поради направена грешка, големи се шансите и вашето дете да почне да се однесува исто.

– Возрасните што немаат самосочувство често несвесно ги учат децата да бидат критични кон себе – вели Милер. Од друга страна, преку прифаќањето на сопствените грешки и блага внатрешна комуникација, родителите ги учат децата на отпорност.

Како зборувате за храната

Изјави како „Ова е лошо“ за колачиња, етикетирање на храната како „добра“ или „лоша“ или изразување вина по јадење, сето тоа децата го слушаат и го запомнуваат.

– Нашиот однос кон храната ги формира нивните навики за исхрана за цел живот – објаснува Милер.

Наместо забрани и засрамување, подобро е да се негува балансиран и позитивен однос кон храната.

Како зборувате за детето пред други луѓе

Ако по испадот на детето во продавница на шега му се пожалите на партнерот, можеби детето нема да ги разбере сите зборови, но ќе ги почувствува тонот и значењето.

– Тоа може да ја наруши неговата самодоверба, како и чувството на поврзаност – предупредува Мекој. Наместо да се фокусирате на грешката, зборувајте за поуката и за начинот на кој заедно сте ја надминале ситуацијата.

Извор

Поврзани написи

To top