Како родители, сакаме да помогнеме, но важно е да внимаваме што зборуваме кога децата се тажни. Некои фрази можат да звучат грубо или да го натераат детето да се чувствува несфатено.
Без разлика колку се обидувате да го избегнете, секогаш ќе дојде момент кога вашето дете ќе биде тажно. Можеби ја изгубило омилената играчка, му паднал сладоледот или му завршила омилената серија. Понекогаш причините се посериозни – најдобриот пријател се преселува или семејството доживува загуба. Како родител, важно е да знаете како да му помогнете во тие моменти.
Фрази што треба да ги избегнувате:
„Зошто си толку чувствителен?“ – Јазикот и тонот што ги користиме можат да му помогнат на детето да се чувствува слушнато, разбрано и безбедно. Наместо ова, кажете: „Видов дека минуваш низ тешки емоции. Секој ги доживува поинаку, и тоа е во ред. Тука сум за тебе“.
Сè што сугерира дека плачењето е лошо – Децата учат како да се справуваат со емоциите, а солзите се природен дел од процесот. Наместо „не плачи“, кажете: „Плачењето е здрав начин на изразување емоции. Тука сум ако ти требам.“
„Другите имаат многу поголеми проблеми“ – Иако можеби е вистина, споредбата не е корисна. Тагата не е натпревар, а споредбите можат да ја влошат ситуацијата. Наместо тоа, помогнете му на детето да разликува мали и големи проблеми, но само кога ќе се смири.

„Ти си многу поголем проблем од (брат/сестра, другар)“ – Ова може да ја наруши самопочитта на детето и односите со другите. Сугерира дека чувствата на детето се погрешни и помалку вредни, што може да создаде љубомора и ривалство.
„Тоа навистина не е голема работа“ – Она што вам ви изгледа мало, за детето може да биде голем проблем. Наместо тоа, кажете: „Разбирам дека ова ти е важно. Сакаш ли да разговараме за тоа?“
„Немаш причина да бидеш тажен/тажна“ – Понекогаш децата не можат да објаснат зошто се тажни. Наместо ова, прашајте: „Сите понекогаш се чувствуваме тажно. Сакаш да ми кажеш што те мачи?“
„Биди голем!“ – Децата се деца. Тие имаат големи и интензивни емоции, и тоа е во ред. Наместо да ги терате да се однесуваат како возрасни, помогнете им да научат како да ги изразат своите чувства.
Сè што поттикнува токсична позитивност – Фрази како „Насмевни се и мисли позитивно!“ не се баш соодветни. Наместо тоа, кажете: „Знам дека си тажен и тоа е во ред. Тука сум за тебе“.
„Престани со тоа“ – Тагата не може едноставно да се „исклучи“. Како што некои физички симптоми не можат да се решат со сила на волјата, така и за емоциите е потребно време. Наместо тоа, помогнете му на детето да најде начини да се чувствува подобро.