Што да направите кога вашето петгодишно дете постојано повторува грди зборови?Како да му забраните да кажува пцости?
Секое физичко казнување, па дури и затворање на устата на детето за да не кажува пцости нема да има никаков ефект. Всушност, не постои однесување или постапка на детето која на ваков начин би можела да се казни. Не само поради тоа што ваквите родителски методи се нарекуваат насилство, туку со тоа нема да се постигнат никакви резултати. Можеби детето ќе се смири по таквата казна. Но, тоа не ја заслужува. Детето само го повторува она што го слушнало од некој друг. Ако го казните, веројатно утре кога ќе се врати од градинка повторно ќе го казните бидејќи ќе каже нови непријатни изрази или можеби некој грд збор што го слушнал од вас или од некој друг. Секако, не можете да ги казнувате ни другите лица што се околу детето.
Кажувањето пцости не треба да се казнува
Пцостите, грдите зборови, жаргоните… се составен дел од комуникацијата. Немојте да му ги забранувате на детето бидејќи така ќе стане неспособно да се справи со надворешниот свет. Па што ако понекогаш каже некоја пцост? Се подразбира дека тоа не е правилно и не треба да биде поддржано од околината. Основна причина зошто не треба на груб начин да го казнувате кажувањето пцости е затоа што на детето токму овие зборови ќе му станат најинтересни, според принципот „забрането овошје“.
Игнорирањето е најдобар лек
Најдобар начин детето да ја помине оваа фаза е да му дозволите да ги изговара овие зборови без да се плаши дека ќе биде казнето. Наместо казна, обидете се да го игнорирате. Повеќето деца од предучилишна возраст со овие зборови се обидуваат да испровоцираат реакција од своите родители. Истовремено мислат дека ќе бидат уште поголеми во вашите (но и во своите) очи ако го користат речникот на возрасните.
Бидете добар пример
Меѓутоа, ако според вашето мислење детето претерува со ваквите зборови, постојат неколку начини да го запрете тоа. Најпрво, кажете му јасно дека повеќе не сакате да слушнете така да зборува. Следно, бидете добар пример, односно не дозволувајте од вас или од од вашите најблиски личности да ги слуша овие зборови. Објаснете му дека кога е во ваше присуство, мора да користи соодветни зборови. Тоа е слично на правилата што постојат за правилно однесување во домот, правила на однесување во градинка, правила кај баба…
Соба за кажување пцости
Ако вашиот разговор и понатаму нема ефект, соодветна казна е да одредите место каде што овие зборови може да се користат, па кога детето ќе почне да ги изговара, едноставно испратете го во таа просторија. Пред да го направите тоа, предупредете го детето на последиците. Кажете му: „Навистина не сакам повеќе да ги слушам овие зборови. Тие се грди, непристојни и не ми се допаѓаат. Отсега секој ден кога ќе сакаш да ги користиш, оди во својата соба и таму изговарај ги додека си сам. Но кога ќе се вратиш тука, те молам зборувај нормално, без пцости и грди изрази“.
Автор: Јелена Холцер, педагог