Игротека

Псст! Имаме проклети вошки

Драги мои, не сум сигурна како информациите се споделувале во средниот век, но во денешно време тоа се случува со брзина на молња. На социјалните мрежи може да се види кој што јадел за појадок и какво цвеќе купил во сабота на пазар. Но, за едно нешто никаде нема ни трага ни глас. Зборувам за паразитите при чие споменување сите почнуваме да се чешаме – вошките.

Кога на твоето дете ќе му се појават на глава, имаш чувство дека си единствениот на светот што го има тој проблем. Каква заблуда! И потоа почнуваш да испитуваш на работа и во соседството и сфаќаш дека за тоа не се зборува, а е раширено повеќе од кога било. Воопшто не бев сигурна дали смеам и да ја напишам оваа колумна, а моето семејство и пријатели да не се откажат од мене. Секако ќе ја напишам, без разлика на тоа што сега веќе со сигурност се ослободивме од нив (се надевам), па ќе имам повеќе слободно време за нашето дружење и помалку повици за излегување. И тоа е сосема нормално бидејќи некогаш и јас бев преплашена од самата идеја дека некој во моја близина има вошки.

Се вели дека стравот е малата бубачка кога ќе ѝ погледнеш в очи. Ја погледнав јас бубачката тоа неделно попладне на паркингот од еден трговски центар, баш пред да заминеме во парк со пријателките и нивните деца. Молам?! Уловив некоја вошка во косата… се вознемирив бидејќи ги видов тие бубачки во косите на децата од пријателите. Му ја подигнав косата зад увото и по два обиди здогледав малечко „семе од сусам“ околу сантиметар од темето. Имаме вошки!

Во тој момент низ глава ми прелета мислата дека можеби ги добил од мене и сè почна да ме чеша. Во паркот сепак отидовме бидејќи многу се радувавме на дружењето, но ги предупредив пријателките дека сме во „без прегратки“ зоната. Тоа храбро го поднесоа, навистина се добри пријателки. На децата им беше сеедно, дури и малку се прегрнаа скришум, токму зашто не смееја.

По паркот, во аптека побарав најевтин шампон со чешел и масло од чајно дрво. Откако се вративме дома, седнавме на тераса и си ги вадевме гнидите од косата. По целата таа тортура си ги измивме косите и повторно се чешлавме. Пропуштив четири гниди, ни трага од големите вошки. Тоа на стришките сигурно беше мајката кралица. Тогаш храбро ги пребарав сите портали и ставив се во машина за перење – играчките, постелнината, навлаката од седиштето за автомобил. Истото го направи и баба. Она што го дознав е дека шампоните не помагаат многу бидејќи големата вошка остава јајца кај коренот, па по една недела се развиваат ларви кои можеме да ги видиме на косата и од тие ларви за седум дена излегуваат мали слатки крвопијци. Прекрасно!

Бубачките бебиња мораат назад кај мајката

За да не го исплашам моето дете, му објаснив дека постојат бебиња бубачки во косата и дека мама мора сите да ги пронајде и да ги врати кај нивната мајка. Дури ми даваше и поддршка и беше емпатичен, но не беше едноставно да се пребарува косата бидејќи мирувањето не му е баш некаква страст. Во следните четири дена наоѓав понекоја ларва и оттогаш сме „чисти“. Сепак, од шампонот против вошки доби силна инфекција на главата, па еден ден целата коса му ја намачкав со обично масло и ја чешлав со специјален чешел, а потоа за два дена избравме регенератор со седум тревки и ставивме пола туба, па ја повторивме постапката со чешлањето. Овој последниот совет го добивме од човекот кој професионално се занимава со отстранување вошки, и да во Хрватска таков човек навистина постои. Истата постапка со шампонот и регенераторот со чешел ја повторив и јас. Покрај тоа, извадивме пегла за коса и на мојот син му ја испеглав косата, а потоа и мојата. Докторката даде таков совет бидејќи наводно се убивале гнидите. (Сигурна сум дека ќе биде горд кога ќе го чита ова еден ден).

Она што е навистина важно е дека тие јајца имаат свој циклус и детето треба долго да го прегледувате и откако ќе се ослободите од вошките. Она што во приказната за вошките е посебно интересно е дека во градинката и лекарот беа зачудени затоа што ние бевме шокирани од информацијата дека децата имаат вошки многу често, но таа информација родителите не ја проследуваат до градинките, училиштата или лекарите. Знам дека не е баш најпопуларна објава на „Инстаграм“:  „Гледајте ова е вошка во мојата глава“, но навременото спречување на епидемијата ги штити и нашите и туѓите деца. Вошките не скокаат и не прават забави во станот, тие живеат единствено на влакната и се движат многу бавно. Во креветот со недели имавме потстанар кој не беше така таинствен, па да не го видиме или чуеме. Сега се прскаме со масло од чајно дрво за да не ни се всели повторно бидејќи ги затвораме границите и му посакуваме сè најдобро, некаде на некое далечно место. Сепак, веќе не му се плашиме толку!

Автор: Данијела Миклец, учителка, колумнист

Поврзани написи

To top