Псоријазата е една од најчестите хронични кожни болести. Секоја година се дијагностицира кај околу 20.000 деца под 10 години. Се работи за хронична воспалителна болест која може да се појави на која било возраст, најчесто меѓу 15 и 25 години. Во светот од псоријаза страдаат 2-3 отсто од населението, а околу 1 отсто од нив се деца.
Како се препознава псоријазата?
Типични се црвени, задебелени и лушпести промени на лактите, колената и скалпот, кои можат да се прошират на телото, рацете и нозете. Често е присутно и чешање. Може да бидат зафатени и ноктите, а понекогаш и зглобовите. Псоријазата не е заразна, но има воспалителна природа и може да биде поврзана со дијабетес, срцеви заболувања и артритис.
Причини и ризик-фактори
Болеста има генетска основа: ако двајцата родители имаат псоријаза, шансата кај децата е 50 отсто. Покрај наследноста, влијаат и надворешни фактори: стрес, инфекции (особено стрептококна ангина), дебелина и пасивно пушење. Болеста може нагло да се влоши по инфекција или емоционален стрес.
Придружни заболувања
Кај децата со псоријаза може да се јават:
Псоријатичен артритис (болни и вкочанети зглобови);
Дебелина и метаболички синдром;
Повисок крвен притисок и дијабетес;
Воспалителни болести на цревата.
Затоа се препорачуваат редовни контроли кај дерматолог, нутриционист и, по потреба, гастроентеролог.

Влијание врз менталното здравје
Видливите промени често предизвикуваат срам, анксиозност и изолираност. Експертите советуваат родителите навреме да побараат поддршка од психолог или психијатар ако детето покажува знаци на повлеченост или тага.
Лекување
Терапијата зависи од возраста и тежината на болеста:
Благи форми: локални кремови и масти со кортикостероиди, витамин Де и имуномодулатори.
Потешки случаи: фототерапија, системски лекови (таблети, инјекции) и биолошка терапија која се применува од четвртата година нагоре.
Секојдневна нега: хидратантни кремови и маслени гелови за смирување на иритацијата.
Изложувањето на сонце и морската вода имаат благотворно дејство, но секогаш со соодветна заштита од УВ-зраци.
Совет за родителите
Родителите треба да му помогнат на детето да избегнува стрес, да одржува здрава тежина и редовно да ја негува кожата. Со навремено и правилно лекување, може да се спречат сериозни компликации и психолошки последици.