Игротека

Психолог советува како (паметно) да им подарувате на децата

Материјалните работи не можат на детето да му ја надоместат љубовта и вниманието од родителите, веселите и пријатните заеднички мигови, смеата, разговорот. Многу истражувања за среќата на адолесцентите покажува дека ексцентричните животни цели, како што се популарноста, богатството и привлечниот изглед, не се поврзани со поголема субјективна благосостојба.

Кој се сеќава на подароците?

Со други зборови, вашето дете на крај веројатно нема да се сеќава на сите скапи работи што ги добило од вас, но во помнењето сигурно ќе му останат врежани заедничките моменти поминати со родителите. Исто така, важно е да се напомене дека децата што чувствуваат дека не добиваат доволно љубов и внимание може лесно да развијат зависност од надворешните работи што ќе им го одвлечат вниманието од внатрешната празнина.

Иако ставот и одговорноста на детето кон парите и материјалните работи се развиваат од најрана возраст низ родителското поставување јасни граници и разликување на потребите на детето од неговите желби, на нашите деца, преку овие празници можеме да им пренесеме порака дека смислата на празниците не е во скапите подароци, туку во дружењето, заедничките моменти и зближувањето.

Без оглед дали сме верници или не, сите можеме да го имаме празничниот дух, да ставиме насмевка на лицето, да се опкружиме со луѓето што ги сакаме и радосно да ја почнеме новата година.

Совети за родителите

1. Изберете прошетка

Со оглед на тоа што сите трговски центри се украсени, однесете го детето на вечерна прошетка низ градот кога сите светилки светат, уживајте во украсените продавници. Зимата носи и многубројни радости – ако паднал снег, можете да одите на најблиското ритче и да се санкате со децата, да правите снешко… Децата сигурно ќе уживаат во тоа!

2. Бидете креативни

Без оглед на вашата вештина и чувство да направите креативни работи, би било добра идеја да креирате свои украси, честитки, перничиња. Иако украсите може да се купат за релативно малку пари, секогаш можете да направите свои. Децата сакаат да се изразат креативно и ако ги вклучите, тие со задоволство ќе учествуваат во правењето честитки. Направете нешто заедно и секако пофалете го нивниот труд. Ако ви се чини дека имате две „леви“ раце и дека вашиот украс не е добар, тогаш можете да се пошегувате на вашите „уметнички способности“, и така вашиот украс секоја година да биде извор на насмевка и потсетник за веселото дружење.

3. Вклучете ги децата

Кога подготвувате подароци за остатокот од семејството, вклучете ги децата: прашајте ги што мислат дека би очекувала личноста за подарок. Заедно со децата можете да направите бонови за подарок со кои ќе ги изненадите најмилите (на пример, бон за прегратки, бон за прошетка итн.). Или да украсите тегли во кои ќе ставите пораки за секоја недела во годината.

4. Што сака детето

Кога купувате подарок за детето, држете се до принципот „што сака детето“, а не што мислите дека му треба.

5. Подарете и на други

Научете ги децата да бидат благодарни и да го ценат она што го имаат. Подарете го вашето време или работи што повеќе не ви требаат, а во тоа вклучете ги децата. Помалите деца може да подарат играчки, а постарите облека – на тој начин развивате емпатија кај децата, со што ги правите свесни дека можат да направат среќен некого.

Автор: Кристина Бачкоња

Поврзани написи

To top