Нарушувањата во исхраната честопати се погрешно разбрани, а срамот и осудувањето може да предизвикаат заболените да ја кријат својата состојба од другите. Анорексијата, булимијата и прејадувањето може да ги погодат луѓето на која било возраст, но тие често се појавуваат во детството и адолесценцијата.
Психологот Лин Грин вели дека има безброј знаци оти детето може да развие нездрав однос со храната.
-Не е секогаш лесно да се каже дали јадењето на детето станало проблем. Забележувањето на знаците може да биде тешко. Важно е да се запамети дека детето не мора да има недоволна тежина за да има нарушување во исхраната – изјавила Грин.
Освен тоа, идејата дека детето мора да биде слабо за да има нарушување во исхраната е штетно бидејќи може да спречи рана дијагноза.
-Важно е да се запамети дека раните показатели за проблеми со исхраната не мора нужно да се поврзани со храната и јадењето. Тие можат да се манифестираат на различни начини кај различни луѓе – додала таа.
Д-р Грин ги споделила знаците на кои треба да внимаваме ако сме загрижени за нашето дете.
Детето е опсесивно во однос на внесувањето храна
Меѓу можните показатели дека детето може да има нарушување во исхраната е ако тоа почне опсесивно да брои калории или прави големи промени во исхраната. Ова може да вклучува целосно отсекување на цели групи храна, или дури и нивно групирање во „добри“ и „лоши“ категории. Друга промена во однесувањето што може да ја забележите е дека вашето дете може да почне да прескокнува оброци.
Прекумерно вежбање
Прекумерното вежбање е предупредувачки знак дека младото лице може да развие нарушување во исхраната, но може да биде тешко да се забележи.
-Клучните показатели за прекумерно вежбање се кога децата продолжуваат да вежбаат дури и кога се чувствуваат лошо или се повредени – објаснила д-р Грин.
Опсесивно проверување на телото
Психологот вели дека главен знак на нарушување во исхраната е опсесивното мерење или постојано проверување на телото. Ако детето развие искривен поглед за својот изглед, тоа, исто така, може да биде ран знак за нарушување во исхраната. Тоа може да верува дека има прекумерна тежина или да не може да согледа дека изгубило тежина.
Ненадејни промени во однесувањето
Знаците за развој на проблемите со храната нема да се манифестираат само во односот со храната, туку и во однесувањето. Раздразливост, повлекување или замор, се показатели дека телото можеби не добива доволно храна. Други сигнали може да вклучуваат недостиг на мотивација на детето или губење на желбата за дружење.
Промени во физичкиот изглед
Промените во физичкиот изглед на детето може да укажуваат на суштински проблем. Знаците на кои треба да внимавате се губење на тежината или флуктуации, проблеми со забите, промени во менструалниот циклус и губење или слабеење на косата.
912