Разводот се смета за еден од најстресните настани во животот на една личност. Крајот на бракот и заедничкиот семеен живот е стресен и за партнерите и за децата. Разводот не се случува ненадејно – тоа е кулминација на долгиот процес на емоционално дистанцирање. Различни фактори влијаат врз долгорочните последици од разводот врз децата.
Кога станува збор за разводот и децата, најважно е да му ја објасните ситуацијата на детето во согласност со неговото разбирање и да прифатите дека многу емоции ќе испливаат на површина за време на овој тежок процес на разделба, но и по него.
Разводот и децата
Какво ќе биде влијанието на разводот врз децата, зависи од средината во која живееле децата додека траел бракот на родителите. Иако некои студии покажуваат дека децата на разведени родители имаат различни емоционални и социјални тешкотии поради отсуството на еден родител, што може да предизвика дефицит во воспитувањето и растењето, во случаи на многу конфликтни или насилни бракови, разводот претставува можност за побезбедна и постабилна средина за животот на детето.
Кога бракот почнува да се распаѓа, многу родители се прашуваат дали треба да останат заедно за доброто на децата. Родителите во тој момент се борат со многу грижи и дилеми, од иднината на нивната животна ситуација и обезбедувањето на нивната егзистенција, до неизвесноста околу аранжманите за старателство и натамошните уредувања во однос на воспитувањето на децата. Иако можеби не се свесни за сè што се случува, децата навистина ги чувствуваат напнатоста и негативните емоции што ги доживуваат нивните родители.
Браковите кои се придружени со многу конфликти пред и по разделбата се многу стресни за децата. За жал, многу родители не сфаќаат дека нивните расправии негативно влијаат врз нивните деца, кои често не разбираат што се случува. Затоа, одговорноста на родителите е да го заштитат детето од последиците на разводот и да најдат заеднички јазик за да можат да соработуваат во воспитувањето на детето.
Разводот и малолетните деца
Кога станува збор за малолетни деца, последиците од разделбата можат да бидат посериозни и потешки, особено кога има конфликти придружени со дискусија за тоа на кого ќе му припаднат децата по разводот. За овие и многу други прашања, во случај на неможност за договор меѓу родителите, одлучуваат надлежните служби и институции, чија цел е да го заштитат детето и да обезбедат квалитетен живот во стабилна и мирна средина.
Помалите деца може да имаат проблем да ја разберат целата ситуација и односот меѓу нивните родители, поради што може да се чувствуваат виновни во смисла дека тие се причина за разводот, дека нивните родители повеќе не ги сакаат и оти никогаш нема да го видат родителот кој заминува од дома. Ако на децата им се одземат основните информации за состојбата низ која минуваат нивните родители, можно е конфузијата во која се наоѓаат да предизвика потешки емоционални последици.
Затоа, колку и да е тешко, кажете им на децата што се случува, дајте им доволно сигурност и заштита што им е потребна и објаснете им како веројатно ќе се развива ситуацијата.
Кога станува збор за адолесцентите, може да дојде до зголемена агресивност и гнев кон едниот или двајцата родители, како и отфрлање или негирање на целата ситуација. Разводот кога децата се полнолетни не се занимава со толку многу важни прашања на старателството, ниту може да има толку силно влијание врз возрасно лице кое забележува несогласување во односите меѓу двајца возрасни, нивните родители. Во таа ситуација, разводот може помалку да му наштети на човекот емоционално и социјално, со оглед на тоа дека станува збор за потенцијално формирана личност, која веројатно е веќе независна од родителите.
Деца на разведени родители – последици
Во секој случај, првата година по разводот ќе биде тешка и напорна за сите поради приспособувањето на новите околности. Истражувањата покажале дека децата најмногу се мачат во првите две години по разводот на нивните родители, а многу од нив покажуваат поинтензивни емоции на лутина, анксиозност, тага, страв и агресија. Кај некои деца може да се јави одбивање за одење на училиште, послаби училишни и академски перформанси и повлекување во себе.
Сепак, многу деца успешно закрепнуваат. Во моментот кога повторно се воспоставува некаква семејна структура со редовни дневни рутини и безбедни околности, децата успеваат да се приспособат на новата фаза од животот, во која постојано е присутен само едниот родител, а со другиот повремено се гледаат. Помал процент од децата може да имаат постојани проблеми со приспособувањето, емоционална нестабилност и други ментални тешкотии кои може да продолжат.
Не е ретка ситуација во која децата по разводот се преселуваат во нов дом, училиште и/или соседство, ги доживуваат егзистенцијалните грижи на своите родители (поради финансиските тешкотии кои доаѓаат со самохраното родителство) или доаѓаат во ситуација на запознавање нови луѓе во животот на еден од родителите (на пр., маќеа, очув, полубраќа, полусестри итн.). Стравот од повторно губење и напуштање е особено изразен, а нарушувањата при приспособувањето можат да создадат дополнителни причини за загриженост за менталното здравје на детето.
Некои деца може да развијат посериозни проблеми, како што се нарушувања во однесувањето, вклучување во ризични активности и деликвенција, предвремени сексуални искуства и развој на проблеми со зависност. Возрасните кои доживеале родителски развод во детството може да имаат проблеми во остварувањето на партнерските односи во зрелоста, првенствено поради стравот од загуба и неможноста да ѝ веруваат на друга личност.
Развод и деца – како да ги заштитиме децата?
Иако разводот на родителите во секој случај е помалку или повеќе стресен за децата, добрата вест е што родителите можат да спречат многу последици на различни начини. Давањето доволно информации на децата за новите околности, во зависност од нивната возраст и нивното разбирање, може значително да им помогне да разберат што се случува и да знаат дека тие не се виновни и одговорни за она што се случува меѓу родителите. Ова им дава доверба и уверување дека ќе бидете тука за нив и дека можат да се чувствуваат сигурни бидејќи вие ќе продолжите да се грижите за нив.

Многу родители се расправаат „за“ своите деца. Со ставање на децата во средината на нивните расправии или, уште полошо, свртување на децата едни против други, тоа може да предизвика психолошки проблеми кај нив. Напротив, родителите треба да најдат заеднички јазик кога станува збор за понатамошното воспитување на децата. Колку и да е тешко, позитивната комуникација и соработка меѓу родителите им помага на децата да закрепнат и да се приспсобат на новите околности.
Иако некои деца нема да покажат колку лошо се чувствуваат поради разводот, добро е да се има на ум дека секој поминува низ стресот на свој начин. Игнорирањето на она што се случило и туркањето на работите под тепих нема да доведе до решавање на работите сами од себе. Од друга страна, зборувањето за тоа што се случува и што се случило и договарањето за организирање некои животни приоритети во иднина може да им помогне на децата да се чувствуваат безбедно и вклучени во процесот.
Зајакнувањето на детето, поттикнувањето на развојот на самопочитта и самодовербата и учењето вештини за справување со стресни околности е од големо значење за приспособувањето на новата ситуација.
Вклучувањето во групи за поддршка на родителите кои поминале низ искуството на развод и справувањето со самохраното родителство може да помогне да се заштитат децата. Побарајте стручна помош и некој што ќе ви помогне да се приспособите на промените.
Автор: Марија Граниќ