Водени од храбриот пример на актерката Милена Радуловиќ, многу други девојки проговориле за злоупотребата со која се соочиле од страна на професорот по глума Миодраг Алексиќ во неговото училиште, па се појавиле снимки со омаловажување и понижување на деца на неговите часови. На тие снимки се слуша како професорот со погрдни имиња ги навредува и ги омаловажува. Во јавноста се говореше и за тоа како професорот барал од родителите да не се појавуваат во училиштето и им велел дека тие од тој момент немаат ништо со она што се случува во училиштето. Она што многумина се прашуваат е зошто дури сега се реагира иако со години се знаело за неговите методи?
На таа тема зборуваше психологот д-р Горан Томин, во утринската програма на ТВ Прва, Србија.
– Било познато дека во тоа училиште така се работи, но постоела приказна дека е тоа некакво зајакнување, дека е нормално за актерскиот повик, дека уметничките училишта се брутални. Тоа брутално е претставувано како нешто што од тебе ќе направи човек. Ти си неизбрусен дијамант, а потоа јас ќе те избрусам, ќе станеш најдобар – појаснил психологот Томин, додавајќи дека дефинитивно се работи за некој вид психичко или емоционално злоупотребување.
Тој истакнува дека децата во тој момент не можат да го препознаат тоа како насилство. „Не можеме ние тоа така да го разликуваме, особено ако тој некој се претставува како некој што нè сака, кој за нас прави сè најдобро, кој од нас ќе направи уште подобри луѓе. Ако сме многу мали деца, тогаш ние веруваме дека тоа е за наше добро. Затоа треба да се воведе уште од најрана доба, од градинка, едукација што е тоа што не би смеело да се случува, како да реагираме, кому да кажеме…“
Детето најпрво ќе се обвини себеси, ќе мисли дека направило нешто лошо, ќе чувствува вина, срам и ќе верува дека таа личност е и понатаму добра личност
Гледајќи ја целата ситуација, родителите сега повеќе од кога и да е се прашуваат како да ги научат децата да им кажат кога се случуваат вакви и слични работи. „Зависи од возраста, но сосема малите деца можеме да ги прашаме како било денес на училиште, што се случувало, дали нешто ти било непријатно, дали некој те повредил, допирал, нема врска дали е наставник или другар, па да се приспособиме приказната на возраста. Нема да ги прогонуваме децата, но одвреме-навреме треба да се фрли поглед наоколу и што гледаат на интернет и што им се случува некаде на друго место. Моето тело е светост, тоа не смее никој да го допре без моја дозвола“.

Психотерапевтот објасни и зошто децата молчат кога доживуваат каков било вид насилство од страна на блиски возрасни луѓе.
– Детето ќе поверува дека тоа е виновно и кога родителот го злоупотребува. Безусловната љубов на родителите кон детето е под знак прашалник, но безусловната љубов на детето кон родителот е апсолутна. Детето мора да го сака родителот за да преживее. Така што, детето најпрво ќе се обвини себеси, ќе мисли дека направило нешто лошо, ќе чувствува вина, срам и ќе верува дека таа личност е и понатаму добра личност. Затоа и возрасните луѓе молчат, токму затоа што чувствуваат вина. Сега се споменува зошто веднаш не го пријавила, зошто чекала толку? Затоа што поминала внатрешен хорор сиве овие години, да собере сила да го пријави, да сфати дека не е виновна, дека не учествувала. Секоја жртва ќе се преиспитува, зошто веднаш не се спротивставив, можеби јас сум придонела со нешто да дојде до тоа, можеби јас сум виновна, можеби не е толку страшно. И со тоа чувство на срам и вина, поминуваат години и години“.
– Не е необично злоупотребувачите и самите да биле жртви во своето детство, па научиле модел на однесување. И момчињата и тоа како може да бидат трауматизирани и злоупотребени. Можеби во овој случај не сексуално, но секако емоционално. На таа возраст кога веќе самодовербата е кршлива, во тинејџерските години, сетете се дека никој не е убеден дека е најубав и најпаметен. И потоа некој вам дополнително тргнува да ви ја руши самодовербата и таа е уништена за долги години, можеби засекогаш. Затоа е опасно емоционалното злоупотребување, за сексуалното и да не зборуваме – порачува Томин.