Односот помеѓу таткото и ќерката е единствен. Добра или лоша – поврзаноста помеѓу нив е секогаш присутна. Она што го привлекува вниманието на психолозите е како татковците, без разлика дали се повеќе или помалку присутни, влијаат врз своите ќерки. Психологот Линда Нилсен, авторка на книгата „Помеѓу татковците и ќерките: збогатување и обнова на вашиот возрасен однос“, се осврнува на ова прашање.
Таа се обидела да покаже дека татковците влијаат врз одлуките за кариерите на своите ќерки, но и врз личниот вкус и академскиот успех. Исто така, се нагласува дека присуството или отсуството на таткото може да го условува изборот што жената ќе го направи во иднина – во однос на нејзините љубовни врски.
„Татко кој е присутен и нежен, ја охрабрува својата ќерка да бара верен и доверлив партнер. Една од најчестите особини кај жените со нежни родители е решителноста при донесување одлуки. А со тоа доаѓа и самодовербата. Нема страв да се изрази мислење или да се отфрлат лошите кандидати“, истакнала таа.
Според Нилсен, ќерките што ја чувствуваат љубовта на своите татковци бараат стабилни односи кои инспирираат мир.
„Татковската блискост може несвесно да им помогне на адолесцентите да прават помалку грешки при изборот на партнер. Таквите девојки обично се посигурни во друштво на момчиња и нема да дозволат некој да ги искористи. Тие не сакаат да имаат повеќе партнери – напротив, се стремат кон спротивното“, објаснила таа.
Од друга страна, отсуството на таткото негативно влијае врз карактерот на девојчето. Оние што имаат нестабилна врска со својот татко имаат поголема веројатност да изберат партнер со кој ќе имаат конфликт.

„Таквите девојки имаат тенденција да влегуваат во врски каде што се доживуваат себеси како инфериорни“, смета таа.
На крајот, таа објаснува како татковците влијаат врз љубовните врски на нивните ќерки преку интересна метафора.
„Здравата приврзаност кон таткото е како да одите на пазар со полн стомак. Избирате производи со повеќе трпение и се одлучувате за поздрави опции. Лошиот татковски однос е како да одите да купувате со празен стомак. Го купувате првото нешто што го гледате, без разлика дали е добро или лошо за вашето тело“, заклучила Нилсен.