Знаеме дека технологијата ни помага. Исто така, знаеме дека технологијата ни штети. Знаеме дека не можеме без неа и сакаме тоа да не биде вистина. Знаеме дека некои работи веќе отидоа предалеку, но сакаме нашите деца да не зависат од оваа технологија и екраните, за кои знаеме дека не се добри за нив – барем не на начинот на кој ги користат најчесто. Но, нема враќање назад, мора да се задоволиме со она што го имаме и да постапиме најдобро што можеме.
Пред неколку месеци психологот Џин Твенџ ја објави книгата „10 правила за воспитување деца во свет на висока технологија“. Твенџ со децении ги проучува промените во однесувањето кај младите генерации, а нејзината порака во оваа книга е едноставна: денешните деца растат во свет на постојана поврзаност – паметни телефони, социјални мрежи, игри – и не им оди добро. Како и многу експерти, таа предупредува на проблемите што произлегуваат од премногу време поминато пред екрани – депресија, анксиозност, проблеми со спиењето, како и помалку дружење, излегување…
Нејзината книга нуди практичен водич за родителите за тоа како да ги одгледуваат децата во денешната дигитална средина. Еве ги правилата инспирирани од оваа книга.
Вие сте главни
Ова правило е основа за сите други: родителите – и никој друг – ги поставуваат условите за тоа како технологијата влегува во домот. Детето не треба да има екран само затоа што сите други имаат. Користењето уред треба да биде привилегија, а не право.
Одложување на паметните телефони и социјалните медиуми
Во идеален свет, експертите се согласуваат, вклучувајќи ја и Твенџ, дека ниедно дете не треба да добие паметен телефон пред 12 или 13 години, а некои веруваат дури и подоцна. Истражувањата покажуваат дека колку подоцна детето добива паметен телефон, толку подобро е неговото ментално здравје.
Создавајте зони и време без технологија
Твенџ верува дека не е важно само да се постават граници во однос на тоа колку технологија децата користат, туку и каде и кога ја користат. Спалните соби, оброците и семејните собири треба да бидат без екрани.
Користете родителски контроли и јасни правила
Следењето на употребата на технологија преку апликации за родителска контрола не е шпионирање. Едноставно е потребен надзор.
Поттикнете ја слободата и независноста во реалниот свет
Играта во реалниот свет гради самодоверба на начини на кои дигиталниот живот никогаш не може. Затоа, не е доволно да им се каже на децата да се тргнат од екранот – важно е да ги охрабрите да излезат во реалниот свет и да бидат независни.

Разговарајте за онлајн однесувањето, ризикот и самоконтролата
Твенџ ги охрабрува родителите да зборуваат за интернетот на начинот на кој претходните генерации зборувале за автомобилите, односно исто како автомобилите, интернетот е корисен и забавен, но опасен ако се злоупотреби.
Бидете пример за добри технолошки навики
Децата учат технолошко однесување од своите родители. Ако родителите се залепени за своите телефони, и децата ќе бидат залепени за своите. Ова не е лесно да се направи во денешно време, но важно е да се постават временски ограничувања кога нивните телефони не се во близина.
Сфатете дека времето е ограничено
Секој час поминат онлајн е час што не е поминат во спиење, читање, играње или развивање вештини од реалниот свет. Решението не е само да се отстранат екраните, туку да се исполни тоа време со нешто подобро – спорт, читање, хоби, музика – сè што создава вистински спомени.
Бидете доследни и јасни во врска со последиците
Правилата се добри само ако се спроведуваат.
Останете флексибилни, но цврсти
Најважна е рамнотежата – правилата се важни, но прекумерната ригидност ќе ви се удри од глава. Исклучок може да бидат, на пример, долгите патувања.
Автор: Наташа Крстичевиќ