Децата минуваат низ различни фази во текот на пубертетот, од кои една е растечката потреба за независност и „одвојување“ од своите родители на патот кон независност. Иако постојат неколку фази низ кои тие минуваат, клиничкиот психолог д-р Луси Хемен истакнува дека процесот на одвојување на тинејџерите е една од најпредизвикувачките ситуации за родителите. Овој процес, објаснува таа, обично се случува во неколку предвидливи чекори.
Зошто се случува одвојувањето?
Адолесценцијата е период на растење помеѓу 10 и 19 години, а Светската здравствена организација (СЗО) го опишува како време на забрзан физички, когнитивен и психосоцијален развој. Дел од овој процес е постепеното одвојување на тинејџерите од нивните родители, што, според терапевтот Ешли Хадсон е сосема очекувано.
-Тинејџерите потсвесно се стремат кон независност. Нивниот биолошки часовник им кажува: „Еј, време е да научите како да функционирате во светот на возрасните затоа што наскоро ќе бидете оставени сами на себе“ – објаснува Хадсон.
Во практика ова може да се манифестира како спротивставување на поставените граници, тенденција кон ризично однесување или едноставно поминување повеќе време со пријатели и симпатии. Во овој период тинејџерите се обидуваат да откријат кои се надвор од семејната средина, што може да биде тешко за родителите.
Три клучни фази на разделба
Според д-р Хемен, првата фаза што ја забележуваат родителите е спротивставување и тенденција за расправии.
-Родителите на 13 или 14-годишници често ми велат: „Се чувствувам како да се расправаме за сè“ – вели психологот.
Клучно е родителите да се обидат да останат смирени при ваквите дискусии бидејќи нивната нервоза веројатно само ќе ја зголеми нервозата на тинејџерот. Експертите советуваат да се користи говорот на телото за да покажат подготвеност да слушаат и да му дадат простор на детето. Ако ситуацијата стане премногу напната, не е лоша идеја да направите пауза, да кажете дека одите на кратка прошетка и дека ќе го продолжите разговорот за половина час.
Родителите не треба да го сфаќаат однесувањето на нивниот тинејџер лично.
Втората фаза, според д-р Хемен, е повлекување.

-Тинејџерите често поминуваат повеќе време во своите соби затоа што копнеат по независност – објаснува таа.
Ова вклучува поминување повеќе време со своите врсници.
Важно е да се разбере дека повлекувањето е нормален дел од емоционалниот развој. Тинејџерите стануваат независни и формираат „свои мислења, идентитети и вредности“, како што вели психологот д-р Џон Таунсенд. На родителите им се советува да не го сфаќаат тоа лично. Наместо тоа, следете што се случува со вашето дете, но истовремено дајте му простор и време самостојно да управува со некои делови од својот живот.
Секако, повлекувањето понекогаш може да биде предупредувачки знак, затоа е важно да останете присутни. Ако сте загрижени, не двоумете се да го започнете разговорот со отворени и неутрални прашања како: „Забележав дека во последно време си потивка/потивок. Тоа е во ред, но сакам да знаеш дека сум тука ако сакаш да разговараме“.
Третата и последна фаза е тестирање на границите и кршење на правилата.
-Да бидеме реални, постои спектар на вакво однесување. Некои тинејџери го прават тоа умерено, а некои претерано. Секако дека е предизвик кога целосно ќе отстапат од патот. Сепак, позитивната намера зад ова однесување е да се истражи светот и да се научи да се размислува со своја глава. Со поместување на границите и соочување со последиците, тинејџерите многу учат – вели д-р Хемен.