Иако многубројни студии покажале дека физичкото казнување има негативно влијание врз развојот на децата, некои родители, обично во напад на бес, сепак се обидуваат да ги дисциплинираат децата со насилство. Психијатарот Владимир Ѓуриќ на „Фејсбук“ објаснил зошто таквото постапување е лошо.
„Ако ни е сосема незамисливо дури и да размислуваме, а камоли да кажеме, или не дај Боже, да тепаме жена затоа што била непослушна или затоа што нѐ изнервирала, зошто би било во ред да направиме од дете – жртва на насилство? Затоа што е помало и послабо? Затоа што не може да се одбрани? Затоа што не може да нѐ пријави? Затоа што не може да замине од нас? Затоа што му треба нашата љубов како воздух за да продолжи да се враќа и да бара повеќе, иако наместо тоа му даваме и предизвикуваме незамислива болка“, напишал тој, во сега веќе виралната објава.
Д-р Ѓуриќ посочува дека насилството е апсолутно неприфатливо во каква било форма, особено кон децата.
-За тоа нема ниту едно оправдување. Оставете ги старите приказни. Околу 30 отсто од „нормалното“ родителство порано било такво што социјалната служба требало веднаш да реагира и да ги спаси тие деца од насилство и други ужаси, кои се земале здраво за готово, бидејќи „сите така правеле“. Не прашувајте како ние психијатрите го знаеме ова. Да немаше родители, немаше да има ниту психотерапија. Децата кои беа тепани и станале добри, нормални и успешни луѓе, успеале и покрај тоа што го доживувале, не поради тепањето“, тврди д-р Ѓуриќ.
„Има илјада подобри методи на воспитување од физичкото казнување“
Тој вели дека децата се само деца. Имаат премногу енергија, потреби и емоции, а нивните механизми се недоволно зрели и развиени за да го скротат, разберат и обработат сето тоа.
„Затоа им требаме ние, возрасните, како регулаторен и смирувачки фактор, а не како некој што нанесува болка. Замислете дека доаѓате кај пријател затоа што сте вознемирени, плачете, се плашите и не можете да се смирите и тој ве тепа. Колку би ви помогнало тоа? Ако децата се навистина неподносливо немирни, треба да се лекуваат. Или ние да се лекуваме ако немаме трпение и нерви“, вели психијатарот.
На крајот заклучува дека има илјада подобри начини за воспитување на децата, од физичкото казнување.
– Вистина е онаа старата и оригинална мисла која вели дека децата не слушаат, туку имитираат и дека секогаш ќе се постигне многу повеќе со љубов, сочувство, разбирање, поддршка и јасни граници отколку со ќотек. Нема подобра инвестиција од љубовта, заклучил д-р Ѓуриќ.
912