Зеќирија Хасипи, новиот директор на Бирото за развој на образованието, смета дека од стручен аспект програмите се добри и засега нема да се менуваат или укинуваат

Прашањето околу воведувањето на наставните програми од Кембриџ изминатите години навистина покрена многу дискусии во јавноста и имаше различни мислења околу нивната реализација. Зеќирија Хасипи, новиот директор на Бирото за развој на образованието, смета дека од стручен аспект тие се добри и засега нема да се менуваат или укинуваат.
– Реално, проблеми навистина имаше во начинот на кој се воведуваа првите години (истовремено во три одделенија), без учениците да имаат континуитет во програмите, со определени грешки во учебниците и недоволна подготовка на наставниците. Но, од стручен аспект, ако ги погледнете програмите, а и самото тоа што тие се изработени со поддршка на експерти од Кембриџ, не може да зборуваме за неквалитетно изработени програми. Програмите ги следат меѓународните стандарди за тоа што треба да постигнат учениците на определена возраст во основното образование, она што и ние, како држава, го проверуваме со учество во меѓународното тестирање ТИМСС – вели Хасипи за „Деца.мк“.
ТИМСС е меѓународно тестирање кое се спроведува на светско ниво, а ги мери знаењата и постигнувањата на учениците по математика и по природни науки.

Зеќирија Хасипи

Во мај ќе се знае

Тој информира дека во мај ќе биде спроведено тестирањето ТИМСС со учениците од четврто одделение, па ќе се види колку и дали помогнале новите програми за подобрување на знаењето на учениците, со оглед на тоа што Македонија беше на последните места.
– Колку што сум запознаен, направени се и измени и исправки во дел од учебниците од страна на Педагошката служба, така што и во тој дел ќе се надминат проблемите – додава директорот.

Пред една година беше најавувано укинување на овие програми

Инаку, пред една година, во времето кога министер за образование и наука беше Рената Дескоска, беше направена ревизија на наставните планови и програми конкретно за прво одделение. Беа најавени новини во однос на наставните часови, предвидено беше еден час да трае 55 минути, односно 40 минути за учење и 15 минути за одмор. Беше најавено дека првачињата не смеат да имаат повеќе од четири часа дневно, но и дека ќе се редуцираат тестовите на знаење.
Тогашната министерка рече дека со примената на новите наставни планови повеќе нема да важи наставната Кембриџ-програма.



912

X