Семејството Кларк од Мичиген, Америка, го дочекало раѓањето на своето прво девојче по повеќе од 138 години. Имено, во семејството на таткото Ендру Кларк од 1885 година не се родила ќерка.
Сопругата Каролин и Ендру раскажале сè за раѓањето на нивната ќерка Одри, која се родила на 17 март, во интервју за „Добро утро Америка“.
Ендру раскажал како на својата сопруга Каролин уште на почетокот ѝ кажал дека записите од неговата страна од семејството покажуваат оти ќерка не се родила во семејството од 1885 година, а Каролин признала дека на почетокот не поверувала во тоа. Но, набрзо и мајката на Ендру го потврдила истото.
„Немавме девојче во директна линија на потомство. Чичковците и братучедите имаа девојчиња, но немаше во нашето семејство“, ѝ рекла мајката на Ендру на Каролин, која веќе има четиригодишен син со него.
„Имав спонтан абортус во јануари 2021 година и ни требаа 15 месеци да забременам со Одри. Дефинитивно вредеше да се чека. Таа е родена на Денот на свети Патрик, 17 март 2023 година. Таа е нашата среќа! Нејзиниот голем брат Камерон многу ја сака“, изјавила мајката.
Каролин истакнала дека не е загрижена дали ќе роди уште едно момче.
„Бевме благодарни што бев бремена и само се молевме за здрава бременост и здраво бебе. Тоа што се роди девојче беше само шлаг на тортата“ – рекла таа.
„Сите врескавме и скокавме од среќа“ – додала Каролин.
Исто така, Ендру признал дека бил во неверување во текот на целата бременост и барал на секој ултразвук повторно да се проверува дали навистина е девојче. „Многу сме среќни што конечно е тука и што е здрава и што сè помина во најдобар ред со породувањето“ – заклучила мајката.
Автор: Амбер Раикен