Воспитување

Првите оригинални „старки“ ги облеков на 17 години

Родителите им купуваат на бебињата брендирани, оригинални патики. Тоа е во ред, иако бебето нема поим за тоа. Дури и не ги користи, сѐ уште не ни гази. Своите први оригинални „старки“ ги облеков во трета година гимназија, на 17 години. Беа со темносина боја и беа нечии, па станаа мои.

Станав мајка и природно е да го сакам најдоброто за своето бебе. А што е најдобро? Дали оригинални патики за бебе кое сѐ уште не оди е најдобро? Дали прескапите колички со милион склопувања и преносливи додатоци за бебето се најдобри: Брендирана гардероба? Играчки со вртоглави цени? Се сомневам.

Го помнам снегот и како татко ни, замотани во кафено ќебе, со санка нѐ вози на крај од селото, кај баба и дедо. Брат ми седи назад, јас напред. Го помнам топлиот, со брашно „попрскан“ леб, купен во пекарницата од десната страна на улицата по која се враќавме од автобуската станица, на која под мирисните липи ја чекавме мама да се врати од работа. Ја помнам куклата Вида со залепена коса која долго не можев да ја расчешлам. Ја помнам калта, како ја мешам во мали садови. Станува ручек. Го помнам цртањето во тетратка А4-формат, со правоаголници. Помнам како со боси стапала се качувам на модрите стапала на татко ми кои потоа ме носат низ станот. Го помнам мирисот на крпите на баба ми и приказните на дедо ми од војната.

Ги помнам улиците. И игрите на улица. Играњето ластик.

Го помнам капењето на ловечкото кучето Дона на дедо со баба Љубица во дворот од цигли. Од шампонот Дона го изгуби сетилото за мирис. Ја помнам загриженоста на тато поради тромбозата на мама. Ги помнам солзите на мама и насмевката на мама.

Помнам како на 6 години во самопослуга сечам леб со голем нож на половина, купувам павлака и млеко. Лебот го земам со хартија. Ја помнат жолтата куќа на дедо и дворот и бетонскиот под, а дедо нѐ прска со цревото. Врескаме и се смееме: „Мене дедо, мене!!!“ Го помнам Дунав и исеченицата на десното стапало. Јогурт полн со меури и нежната мокра нога на мама, додека таа мачка паштета на леб. Јадеме со модри усни, трепериме. Прстите ни се стуткани.

Ја помнам нивната прва кавга. Го помнам тато како го боли чирот. Ги помнам неговите нервози поради тоа. Го помнам мајсторот кој во време на инфлација соопштува: „Ви отиде грејачот!“ А грејачот скап премногу, а пари никаде. Го помнам лицето на мама и ги чувствувам нејзините солзи додека ме гледа како примам златна значка за читање.

Ги помнам чувствата. Не се сеќавам што имав на нозете. Освен дека се кревав на прстите, глумејќи балерина околу големата трпезариска маса од станот во кој живеевме под кирија.

Не се сеќавам во каква количка ме возеа, дали ми била удобна, колку велосипеди сум имала и со која големина. Не знам дали биле нечии или само мои, не ја помнам ниту бојата.

Не се сеќавам на квалитетот на облека, ниту дали била скапа. Не знам дали некој поради тоа поинаку ме гледал. Понекоја слика… чувство… понекоја слика… чувство, чувство, чувство… понекоја слика, па чувство… љубов…преку допир и збор.

Автор: Јована Кешански

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top