Бебето пристигна, го ставаме на стомакот или на градите на мајката. Некои мајки ќе реагираат еуфорично, некои мирно ќе го гледаат своето бебе, некои ќе плачат од среќа, некои ќе се смеат, а некои ќе сакаат партнерот да го држи бебето. На почетокот бебињата се мирни и гледаат наоколу, несвесни што се случило, од каде дошле, на која точно „планета“ се наоѓаат. На бебињата им треба мир, тишина, познати звуци, отчукувања на срцето, топлина… занишајте го бебето, галете го, милувајте го и масирајте го.

Бебето те познава тебе, а ти го знаеш него. Тоа помина девет месеци во тебе, слушајќи те, клоцајќи те, чувствувајќи ги твоите допири и запознавајќи ги твоите навики. Но, кога детето конечно ќе се роди, се запознавате во живо и работите се менуваат. Можеби вашето бебе ќе изгледа необично на прв поглед, можеби не сте го замислувале на тој начин, можеби главата му е поголема, телото премало, можеби нозете му се како на жаба. Можеби изгледа како мал дедо или баба, можеби главата му е премногу издолжена или има испакнатини на секоја страна од главата, можеби кожата на бебето е премногу збрчкана.

Но, кога ќе го средат, ќе го избањаат, ќе го завиткаат, и кога ќе дојде до вас како мала миризлива топка, сѐ ќе биде поинаку. Потоа започнува ново познанство, ќе видите како детето реагира, каков е неговиот карактер, дали е мирно, бучно, понекогаш хистерично кога е гладно.

Ќе сакате да знаете што е најдобро за вашето дете, што му се допаѓа, што не, што му одговара повеќе. Можеби на почетокот ќе бидете незадоволни од себе, разочарани затоа што не знаете што сака. Задолжително запознајте се со сè што носи родителството, барем со основните знаења.

Кога ќе знаете како да го држите детето, кога и како да го храните, како детето може да реагира и што сака да ви каже, што му одговара, а што не и што е нормално во првата година, сѐ ќе биде полесно и поопуштено.

Гледањето, слушањето, галењето, мирисањето и допирањето на бебето во првите денови многу влијае врз вашата идна врска. Ако седите и го гледате вашето бебе со часови, тоа не значи дека сте излегле од колосек, тоа е нормално и ни се случило на сите.

Замислете само како му е на бебето кога гледа светлина, слуша нови звуци, чувствува мириси, мекост, цврстина… се обидува да ги фокусира очите. Тогаш се грижиме и се плашиме, но всушност сè е нормално. Бебињата сакаат редовен распоред, будење, хранење, одење на прошетка, гушкање, масажа, капење, спиење и така натаму, и сето тоа во круг. Како што поминува времето, ќе додавате и други дневни активности.

Бебињата знаат што сакаат и ако не го добијат, ќе ве известат дека не се среќни. А најмногу сакаат внимание, комплименти, тапкање, потпевнување и зборување и на тој начин најдолго ќе ги задржите вниманието и интересот на вашето бебе.

Што се однесува до сетилата, видот најдоцна се развива кај бебињата. Бебињата на почетокот гледаат слабо, јасно ги гледаат мама и тато кога се в раце. Концентрацијата ќе ја задржите со светли бои или контраст и пруги. Бебињата многу добро слушаат, ги препознаваат гласовите на родителите, ги вртат главите во правец на звукот и најмногу сакаат тивка музика, брмчење, тропање и звуци. Тие многу добро чувствуваат и препознаваат мириси, точно знаат како мириса нивната мајка. Новороденчето реагира на топлина, но тешко е да се загрее бидејќи на толку рана возраст организмот сè уште не може да ја регулира сопствената телесна температура. Сакаат гушкање. За да преживее, детето користи рефлекси, па кога ќе лежи со лицето надолу, ќе ја сврти главата настрана за да може да дише. Кога ќе научи да размислува и да реагира, тогаш рефлексите исчезнуваат. Магично.

Рефлексот на цицање е силен, рефлексот на фаќање исто така, но ќе исчезне за два месеци. Сите сме слушнале за Моро-рефлексот, кога бебето изгледа како да паѓа и се обидува да се фати за нешто. Тоа се случува во моментот кога бебето е исплашено. Некои автоматски рефлекси како што се дишењето, трепкањето и кивањето ќе се задржат цел живот.

Реакцијата што не може да се заборави е првата насмевка на детето, која ќе се појави околу шестата недела од животот на бебето.

Извор



912

X