Наставниците во средните училишта во Грција наскоро ќе поминат интензивна програма за обука за користење алатки базирани на вештачка интелигенција.
Персоналот од 20 училишта ќе биде обучен да користи специјализирана верзија на „Чет-ГПТ“, приспособена за образовни институции, според новиот договор меѓу конзервативната влада и „Опен АИ“.
-Мораме да прифатиме дека вештачката интелигенција не постои во некаков паралелен свет. Таа веќе е тука – изјавила министерката за образование Софија Захараки пред почетокот на пилот-проектот.
Програмата, која треба да се прошири на национално ниво во јануари, ја рангира Грција меѓу првите земји што воведуваат генеративна вештачка интелигенција директно во училниците. Првите работилници ќе се фокусираат на обука на наставници, од планирање на часови и истражување – до персонализирана помош на учениците, пред „Чет-ГПТ еду“постепено да се вклучи во самиот образовен процес. Следната пролет, на матурантите од средните училишта ќе им биде дозволено да ја користат алатката, со строга контрола на пристапот, според изјавите на официјални лица.
Грција го следи примерот на Естонија, една од првите земји што решително се сврти кон дигитални образовни технологии. Владата на премиерот Киријакос Мицотакис, позната по своите проуниверзитетски и пробизнис-реформи, сака да ја позиционира земјата како технолошки центар на регионот, а Атина веќе подготвува една од првите европски „фабрики за вештачка интелигенција“.
Мицотакис неодамна предупреди дека би можеле да избувнат „значајни социјални немири“ ако револуцијата на вештачката интелигенција се толкува како нешто што само ги збогатува технолошките компании. Сепак, неговата администрација беше меѓу првите што разви национална стратегија за подготовка на граѓаните за промените што ќе ги донесе широката примена на оваа технологија.
„Ако не можете да го победите ботот, придружете му се“
Во училиштата, каде што повеќето ученици користат апликации како „Чет-ГПТ“, владата се води од филозофијата: „Ако не можете да го победите ботот, придружете му се“.
Сепак, кај дел од јавноста нема ентузијазам. Средношколците, кои се соочуваат со притисоците од ригиден и испитно ориентиран систем, стравуваат дека вештачката интелигенција, ако се развива неконтролирано, би можела да ги надмудри и да ја преземе контролата.

-Ме плаши ова. Тие бараат премногу од нас, а сега и ова. Вештачката интелигенција нема душа, таа е машина – вели 17-годишниот Аристидис Толос за време на протестот во центарот на Атина, организиран делумно поради насоката на образовните реформи.
Директорот за глобални прашања на „Опен АИ“, Крис Лебен, вели дека одлуката на Грција да го тестира „Чет-ГПТ“ во училиштата претставува „ново образовно поглавје“ за земјата. Компанијата вети дека ќе го надгледува спроведувањето на најдобрите практики за безбедна и ефикасна употреба во училницата.
Скептиците предупредуваат дека Грција би можела да стане полигон за тестирање на технологија што носи сериозни ризици, вклучително и слабеење на критичкото и креативното размислување.
Во седиштето на Синдикатот на наставници во средните училишта ОЛМЕ постои видлива загриженост.
-На нашиот неодамнешен конгрес ова беше главна тема, а многумина изразија сериозна вознемиреност – истакнал Димитрис Актипис, додавајќи дека професорите се прашуваат дали промените ќе доведат до „училници без наставници“.
Наставниците стравуваат дека новата технологија би можела да ја зголеми зависноста на младите луѓе од екраните, во време кога Грција станува првата земја во Европа што ги блокира социјалните мрежи за деца под 15 години.
Подобрување на инфраструктурата
Владата, додава тој, прво треба да се справи со подобрување на инфраструктурата бидејќи во земја која со децении бара поголеми инвестиции, образованието сè уште добива помалку од 5 проценти од буџетот.
ОЛМЕ обединува околу 85.000 наставници, претежно вработени со полно работно време, кои предупредуваат дека културата на мамење е длабоко вкоренета во училниците.
-Не треба да бидеме технофобични. Вештачката интелигенција, на крајот на краиштата, може да им помогне на наставниците да бидат поефикасни. Но, станува проблем кога се користи во систем чија единствена цел е да се положат испити. Училиштата не се стремат децата да бидат сеопфатни личности, што ја задушува креативноста – вели Панос Караѓоргос, наставник по физика во средно училиште.
Досега вештачката интелигенција се користеше исклучиво во приватни училишта во Грција. „Атинс колеџ“, кој го посетувале голем број грчки лидери, вклучувајќи го и Мицотакис, беше меѓу првите што ја користеа вештачката интелигенција за креирање програми и подготовка на часови.