Кени и Боби Мекoj од САД пред повеќе од 20 години одлучија да не ги слушаат советите на лекарите и да се обидат да добијат седморка, прва на светот. Успеаја и покрај црните прогнози – советите дел од фетусот да го абортираат и предупредувањата колку е таа бременост ризична.
Дури и научниците пресметале дека е поголема шансата Боби да загине од астероид отколку да има седморка. Тогаш веќе ја имале ќерката Микејла, но сакале уште едно дете. Таа имала 29 години, а тој 27. Бидејќи по природен пат не им успеало, сфатиле дека им е потребно медицински помогнато оплодување. Во текот на процесот лекарите ги предупредиле дека постои шанса за бременост со повеќе фетуси, а Боби им рекла дека е подготвена да има уште две деца, но за седум не ни сонувала.
Кени и денес се сеќава како звучел гласот на неговата сопруга кога ѝ се јавил и прашал што покажал ултразвукот. Гласот, како што вели тој, ѝ бил чуден, само рекла „седум“. Од тој момент сè за што размислувале било како ќе прехранат толку деца и како ќе им го обезбедат сето она што ќе им биде потребно во животот.
Боби се сеќава на денот кога дознала колку деца носи.
– Не беше чувство на воодушевување, се полна со сомнежи – рекла Боби.
И лекарите останале шокирани од ваквиот развој на целата ситуација, па почнале да инсистираат на отстранување на неколку фетуси, за другите да имаат поголеми шанси за преживување. За Боби тоа не доаѓало предвид, па одлучила да ризикува. Се исплатило, на 21 ноември 1997 година родила седум деца. Во текот на целата бременост се чувствувала добро. Во последната фаза пред породувањето сите „биле на игли“ стравувајќи од компликации, но сѐ поминало одлично.
Фото: Јутјуб (принтскрин)
Болките почнале во Медицинскиот центар во Ајова, а во просторијата со неа биле уште 40 експерти – перинатолози, неонатолози, терапевти за дишење, медицински сестри и анестезиолози.
Децата се родени 9 недели пред терминот, 4 момчиња и 3 девојчиња – Боби, Алексис Меј, Натали Су, Келси Ен, Нејтан Рој, Брендон Џејмс и Џоел Стивен. Тежеле околу 1,5 килограм, а во болницата останале уште два месеца. Ги родила со царски рез. Две од седумте деца се родиле со церебрална парализа и во текот на животот поминале низ неколку операции, па сега можат да одат без ничија помош. Кога сите заедно дошле дома, следувала работа на која никој не ѝ го гледал крајот. Секој ден морале да подготвуваат по 42 шишиња и 52 пелени. Роднините многу им помагале, во секој момент до себе имале некој на кој можеле да се потпрат.
Тогашниот американски претседател Бил Клинтон лично му се јавил на семејството и му честитал. Непрофитните организации им обезбедиле голема куќа, двегодишна резерва на пелени, многу храна и гаранција за бесплатно образование во кој било колеџ во Ајова. Во куќата им доаѓале волонтери и дадилки, па им помагале во првите неколку години, така што родителите успевале повремено да одвојат малку време за себе и да се опуштат.
Им пристигале и многу писма со поддршка, но меѓу нив имало и некои злобни. Приближно на секои десет позитивни писма имало едно во кое ги обвинувале дека ги искористуваат своите деца и ги трошат ресурсите од светот на своето големо семејство. Тоа бил тежок приод бидејќи постојано биле во центарот на вниманието, но се обиделе да живеат нормален живот колку што било можно.
Како што растеле децата, почнале да помагаат во домаќинството. Девојчињата на возраст од шест години на мајката ѝ помагале во кујната, дури и подготвувале оброци за кои Боби, шегувајќи се, велела дека „се јадат“. Момчињата биле ангажирани повеќе со таткото и учеле и вршеле различни задачи околу куќата. Таа почнала да работи со скратено работно време, а Кени бил вработен во фабрика што изработува метални конструкции. За да заштедат на храна и други намирници, ги следеле акциите и купувале на големо. Во куќата имале двојно повеќе уреди од другите семејства, две рерни, две машини за перење облека, две сушарници, две машини за миење садови. Околу куќата имаат големо земјиште кое го претвориле во зеленчукова градина. Децата растеле навикнати на напорна работа и не биле разгалени. Сите се добри ученици и се занимаваат со спорт.
Фото: Јутјуб (принтскрин)
Келси, Натали, Алексис, Нејтан и Џоел студираат на Универзитетот „Ханибал-Лагранџ“, Кени оди на колеџ, а Брендон избрал воена кариера и наскоро ќе се венча. Келси студира односи со јавноста, Алексис студира претшколско образование, Натали се занимава со спорт, а Џоел и Нејтан со компјутерски науки. Кенет добил диплома од областа на градежништвото.
Родителите Кени и Боби одлучиле да се преселат во помал стан, а куќата со седум соби во која живееле со децата ја дале на организација што им помага на млади мајки.
Автор: Тина Кос