Нова студија објавена во САД покажала дека има огромни докази оти девојчињата значително порано влегуваат во пубертет, со потенцијални долгорочни негативни импликации за нивното здравје.
Студијата, всушност, покажала дека просечната возраст на која се јавува менструацијата е поместена од 12,5 години (за периодот од 1950 до 1969 година) на 11,9 години (од 2000 до 2005 година). Тоа значи дека постојат реални шанси тој просек денес да е уште помал. Во исто време, откриено е дека процентот на девојчиња што ја добиваат првата менструација пред да наполнат 11 години е речиси двојно поголем. Порано беше 8,5%, а сега е дури 15,5%.
Затоа, сè повеќе девојки ја добиваат првата менструација порано и им треба подолго време за да се регулираат циклусите и да станат редовни. Еден од авторите на студијата, д-р Шрути Махалингаја, асистентка на Факултетот за јавно здравје на „Харвард“, зборува за самото истражување и за резултатите до кои дошол нејзиниот тим.
–Возраста во која доаѓа менструацијата и регуларноста на циклусот се два клучни аспекти на менструалното здравје. Многу е важно да го разбереме овој тренд што се случува од неколку причини. Еден од нив е дека овие два аспекта на менструалното здравје се тесно поврзани со голем број долгорочни последици врз здравјето на жените. Докажано е дека девојчињата кои рано добиваат менструација и имаат неправилни циклуси имаат зголемен ризик од кардиоваскуларни болести, неплодност, нарушувања на расположението, па дури и рак – објаснила научничката.
Таа рекла дека околу половина од овој тренд може да се објасни со индексот на телесна маса во времето на доаѓање на менструацијата.
–Кога баравме што друго би можело да ја предизвика оваа промена во прагот на првиот циклус, загрижувачките фактори вклучуваат изложеност на одредени влијанија од околината, како што се загадувачи на воздухот, изложеност на хемикалии кои ги нарушуваат хормоните, тешките метали, како и стрес и траума во детството. Сите овие аспекти треба да се земат предвид – објаснила д-р Шрути Махалингајах.

Она што може да биде ограничувачки фактор на ова истражување е тоа што се базира на податоци пријавени од корисниците. Тие морале да имаат пристап до интернет и „ајфон“ за да учествуваат во студијата и да ја преземат апликацијата. Но, повеќе од 70.000 жени го направиле тоа, така што примерокот е доста голем.
–За родителите, доколку забележите рани знаци на пубертет, како што е развојот на градите, исклучително е важно вашето дете да го однесете кај педијатар за процена. А потоа, ако воопшто е можно, погрижете се за консумација на здрава исхрана и намалете го внесот на индустриски преработена храна. Во денешниот модерен свет ова е исклучително тешко, но обидете се да ги ограничите нездравите грицки, сокови, слатки и брза храна и наместо тоа да воведете зеленчук и овошје. За здрав живот пред пубертетот, исклучително е важно да се намали стресот, како и да се внимава на деноноќниот ритам и здрав, редовен сон – апелирала научничката.
Автор: Александра Цвјетиќ