Бидејќи секое дете е посебна индивидуа, а состојбата на секое предвремено родено дете зависи од многу различни варијабли, невозможно е прецизно да се предвиди со што може да се соочите во текот на првата година од неговото раѓање. Затоа, да се осврнеме на трите најчести прашања што ги поставуваат повеќето родители на предвремено родени бебиња за тој период.
Кога моето бебе ќе ја „стигне“ својата возрасна група?
Типично, колку е помладо вашето бебе при раѓање (гестациски недели), толку повеќе време ќе му треба за да ги „стигне“ врсниците во однос на развојните пресвртници. Експертите проценуваат дека на некои предвреме родени бебиња (родени во 24-28 недела од бременоста) може да им требаат 2-3 години за да ги достигнат. Многу зависи од нивното здравје при раѓањето и од медицинските предизвици.
Дали на моето бебе ќе му требаат дополнителни лекарски прегледи?
Општо земено, да. Ако вашето бебе е предвреме родено, ќе биде подетално следено од неговиот педијатар во текот на првата година од животот. Ако е родено со многу мала тежина (помала од 1,5 кг), било на вентилатор повеќе од 2 дена или било во критична состојба неколку дена, на бебето ќе му треба уште повеќе следење.
Вашето бебе може да биде упатено и кај други лекари, како што се специјалисти за педијатриски развој, физиотерапевти или работни терапевти, респираторни терапевти, гастроинтестинални специјалисти, пулмолози или офталмолози. Се разбира, ако бебето е родено со друг специфичен проблем (на пр., кардиолошки), ќе има специјалист што ќе го следи.
Како можам да го заштитам моето бебе од инфекција?
Мајчиното млеко е првата линија за одбрана за секое бебе. Антителата во мајчиното млеко ќе помогнат во заштитата на бебето во текот на првите критични 3 месеци. Потоа, кај доносено бебе, нивните природни антитела почнуваат да се развиваат во текот на првата година.
За предвреме роденото бебе, овој процес е исто така предвремен. Гестациската возраст на бебето при раѓање и неговите индивидуални предизвици играат голема улога во одредувањето колку долго ќе треба да бидете хипербудни за избегнување инфекција. Иако е нереално да се чува бебето во стаклено ѕвоно, некои мерки на претпазливост се мудри:
Одржувајте ја околината на бебето што е можно поздрава: Побарајте од гостите да ОСТАНАТ НАДВОР ако имаат или неодамна имале настинка, грип или дури и ако едноставно не се чувствуваат добро.
Секогаш мијте ги рацете и побарајте од другите да го сторат истото, при грижата за бебето: Студиите покажуваат дека доброто миење на рацете е најдобриот начин да се спречи инфекција. Секогаш мијте ги рацете по користење на тоалетот и пред и по секоја промена на пелена. Секогаш мијте ги рацете пред да го доите вашето бебе. Споделете ја оваа навика со семејството и пријателите
Избегнувајте метеж: Ограничете ги прошетките до јавни места со голем сообраќај каде што се собираат групи. На пример, одете во трговскиот центар рано или доцна за да ги избегнете толпите луѓе, ако видите преполн лифт, почекајте го следниот. Ова е особено важно за време на есенската и зимската сезона на настинки и грип.
Заштитете се од грип: Безбедно е да се прими вакцина против грип за време на бременоста или потоа, а и на вашиот партнер му е потребна. За време на сезоната на грип, вашето предвреме родено бебе ќе биде поподложно од другите бебиња. Ова важи и за семејствата со мало дете во домот.

Ризици кај предвреме родено дете во првата година
Јавете се кај вашиот лекар ако забележите нешто од следново кај вашето дете:
-Треска или варијации во температурата;
-Проблеми со хранење или зголемување на телесната тежина;
-Тешкотии при дишење, вклучувајќи звуци слични на астма;
-Секакви знаци на инфекција, вклучувајќи црвенило или топлина, летаргија, треска, подолг сон или недостиг на интерес за храна;
-Цревни проблеми како повраќање, грчеви или гасови;
-Проблеми со очите;
-Преголема чувствителност на светлина или звук.
Автор: Кендис Кембл