Ако поради коронавирусот тие не можеа да го посетат пазарот, пазарот „влезе“ во нивната училница – ниту маските ниту дистанцата не ја намали возбудата кај дечињата
Во училницата на наставничката Весна Гагаловска во прво 3 одделение, во Основното училиште „Тодор Ангелевски“ во Битола, деновиве беше повесело дури и од градскиот пазар. Ако поради коронавирусот тие не можеа да го посетат пазарот, пазарот „влезе“ во нивната училница. Ниту маските ниту дистанцата не ја намали возбудата кај дечињата кои преку работилницата „Пазарот во мојата училница“ низ игра учеа за броевите, боите, буквите и за магијата на есента.
Тезгите во училницата поубави и побогати отколку на пазарот
Од еколошки материјали, хартија и дрва, децата и родителите изработија импровизирани тезги, која од која пооригинална и побогата со играчки во облик на овошја и зеленчуци. Некои од учениците донесоа и вистински продукти, па училницата беше пребогата со есенски плодови. Како вистински продавачи нудеа производи, притоа броејќи и уочувајќи го количинскиот однос.
Весна Гагаловска, истакнат просветен работник во земјава, која минатата година ја доби и титулата најдобар наставник на Првата балканска конференција во Скопје, со својата умешност покажа дека ни коронавирусот не може да го попречи креативниот образовен процес.
– Моменталната состојба не ни дозволува реализација на многу активности, најболно е што не се заедно сите ученици од паралелката. Имам 19 ученици и работам со две групи во две смени. Пандемијата нè спречува да го прошетаме нашето училиште, да одиме во спортската сала, во посета на друга институција, да поканиме гостин во училницата – чичко полицаец, доктор, писател, но затоа ќе продолжиме да реализираме слични работилници почитувајќи ги протоколите – вели Гагаловска.
Во нејзин препознатлив стил, часот го започна пуштајќи звуци кои ја отсликаа есента, со што предизвика љубопитство кај учениците. Научија за временските услови, на што се надоврза приказната за детето Оли на кое му требаат палтенце и храна. И така започна купувањето храна за новото пријателче. Преку игра се интегрираа повеќе наставни предмети. Од областа на природните науки учеа за овошките, зеленчуците и сетилата со кои ги восприемаат, по математика гласно броеја, па дури и собираа полнејќи ја кошницата, иако ова им е втор месец настава. По македонски јазик ги опишуваа вкусовите и изгледот, богатејќи го речникот. Симпатични беа и грешките на учениците кои донесоа и ананас и мандарини мислејќи дека растат во нивите на бабите. Научија дека храната мора да се мие и редовно да се јаде за да имаат здрави навики за исхрана.
Не се купуваше за пари, туку за „браво“
– Ние не купувавме со пари и не продававме во килограми. Купувавме со броење, со одредување на еден повеќе или помалку, купувавме по боја, по вкус на овошје или зеленчук. И сето ова за едно големо „браво“ испишано на хартија прикачена на дрвце. Ваквиот начин на учење го практикувам речиси секојдневно, затоа што учениците не чувствуваат притисок, страв од точен и неточен одговор. Слободно разговараме, се надополнуваме. Така ја развиваат својата самодоверба – рече Гагаловска.
Таа повеќе од 20 години е одделенски наставник во ОУ „Тодор Ангелевски“ во Битола, членува во многу образовни комисии, била обучувач за проекти со ИТ-технологија, ментор на студенти, на ученици кои освоиле први места на локални, општински и државни натпревари, реализатор на креативни работилници поврзани со меѓуетничката интеграција во училиштето, учесник и реализатор на настани за поддршка на инклузијата и прифаќање на различностите. Добитничка е на признание од Здружението на просветни работници за најдобар одделенски наставник во регионот на Битола. Членува во Асоцијацијата на најдобри наставници во поранешна Југославија и во 2019 г. ѝ беше доделена титулата најдобар наставник на Првата балканска конференција во Скопје.
912