Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Многу сум загрижена, се наоѓам во ситуација кога веќе не знам како да се однесувам. Имам 8-годишен син, многу интелигентно дете е, чита и пишува од 4 години. Во однос на учење во школо, нема никаков проблем, сам зема книги од библиотека и ги чита. Меѓутоа, на часовите прв ќе ја заврши задачата и потоа си зборува со другарите. Не е насилен, не ги задева другите деца, меѓутоа, цело време си зборува или цело време крева рака и се лути ако не го испрашаат. Наставничката цело време го кара, му вика, го казнува, го преместува, ми се јавува. Пробавме дома и со казни и со награди, но залудно. Разговараме секој ден за тоа, ветува дека ќе се промени и наредниот ден пак по старо си тера. Како понатаму, како да постапам, ве молам за совет?

ОДГОВОР: Драга мајко, очигледно е дека вашето дете е исклучително интелигентно и брзо ги разбира нештата и брзо ги завршува, па има потреба од дополнителна стимулација. Има многу голема разлика дали детето зборува со своите другарчиња пред да ја заврши задачата или откако ќе ја заврши задачата и се наоѓа во ситуација да му биде досадно и да не знае што да прави. Многу е нереално да очекуваме дека едно паметно и интелигентно дете, кое има голема жед за откривање на светот околу себе, ќе седи мирно откако ќе ја заврши задачата. За него, штом заврши со еден предизвик, природно е да побара друг. Затоа и не вродуваат со плод вашите барања тој да се промени.

А, дали навистина сакате да се промени?

Во ваквите ситуации казните и карањата не само што нема да вродат со плод, туку напротив – можат да имаат исклучителен негативен ефект. За што тој добива прекор и казна? Затоа што ја завршил задачата пред другите? Затоа што тој предизвик не бил доволно голем за него? Затоа што е паметен и брз? Испаѓа дека добива прекорувања затоа што е одличен во тоа што го прави. Дали како возрасни навистина сакате да му испратите ваква порака?

Како национален психолог на МЕНСА Македонија, здружението на лица со натпросечна интелигенција, и како психотерапевт практичар на игровна терапија кој работи со деца, многупати сум се сретнала со овој предизвик, исклучително интелигентните деца да се најдат во ситуација да бидат прекорувани од страна на своите едукатори и родители поради својата динамичност и природна потреба од поголема стимулација.

Нема ништо попогубно за детскиот дух и природен интелектуален и емотивен развој од тоа натпросечно надарено дете да се притиска со очекувања да биде нормативно просечно.

Затоа, наместо да го карате и казнувате, разговарајте со неговите учителки да му задаваат поголеми предизвици кои се соодветни на неговите способности во текот на часовите. На пример, откако ќе заврши со зададената задача, тој и сите ученици во одделението што побрзо ќе ја завршат првозададената задача да добијат уште една дополнителна задача. Вештите едукатори можат да ја претворат оваа ситуација во стимулативен натпревар за целото одделение и на овој начин да ги мотивираат учениците да бидат сѐ подобри и подобри.
Исто така, размислете за дополнителна стимулација во насока на вонучилишни активности приспособени на афинитетите и интересите на вашето дете. Тоа можат да бидат програми специјализирани за надарени деца, едукативни програми за стимулација на детскиот развој, спортски активности, активности од областа на уметноста или нешто слично.

Најважно е да му дадете дозвола на вашето дете да си биде свое и автентично, како и да му помогнете да изнајде простор во кој ќе ја задоволи својата жед за истражување на светот и стекнување знаења од областите што го интересираат.

Одговара: Ивана Маринчек, лиценциран психолог и психотерапевт, практичар по игровна терапија во „Психотерапика“
е-пошта: ivana.marinchek@gmail.com/ psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X