Воспитување

Проценете дали вашето дете е подготвено за домашно милениче

Домашните миленици обично се на врвот на листата со подароци кои децата ги бараат од родителите. Сепак, тоа е одлука која не се носи лесно. Постојат голем број аспекти што треба да се земат предвид.

Да се даде домашно милениче на дете може да биде одлична идеја. Малите најчесто сакаат кучиња или мачки, а во нив можат да ги имаат најдобрите пријатели за играње, шетање и гушкање. Но, треба да се земе предвид и огромното ниво на одговорност што го бара грижата за домашно милениче бидејќи тоа не е играчка, туку суштество на кое му треба внимание и љубов. Пред да купите или да удомите домашно милениче, анализирајте ги добрите и лошите страни за да ја донесете најдобрата одлука.

Домашното милениче бара време и внимание

Една од првите работи што мора да ги земете предвид е дека ова суштество бара грижа, време и внимание. Оваа одговорност не треба да падне само на децата, туку и возрасните треба да се грижат за миленикот. Јасно е дека децата немаат вештини или зрелост сами да се грижат за него (иако можеби мислат дека имаат).

Каков вид домашно милениче да подарите?

Децата обично избираат помеѓу кучиња и мачки, но понекогаш сакаат ‘рчко, зајак, риба, желка или птица. Кога станува збор за кучињата, најдобри опции за семејства со деца се лабрадори, ретривери, бигли, бернардинци, шнауцери и коли. Ако вашите деца претпочитаат мачки, најдружељубиви се персиски мачки, турски ангорки, сијамски и хималајски.

На која возраст децата се подготвени за домашно милениче?

Возраста на детето е многу важен фактор во одлуката. Детето може да биде подготвено за куче или мачка на возраст од околу 6 години, но тоа е сепак многу индивидуално. Важно е детето да знае дека миленичето не е играчка или нешто привремено, туку суштество на кое му треба грижа и љубов.

Алергии во домаќинството

Ако некој во семејството е алергичен на мачки, јасно е дека тоа ќе влијае врз вашата одлука. Важно е да изберете домашно милениче кое нема да му пречи на ниту еден член од домаќинството.

Усвојување нов начин на живот

Доколку внесете домашно милениче во животот на вашите деца, бидете подготвени дека тоа ќе промени многу работи во секојдневието на сите членови на домаќинството, па затоа е особено важно сите да бидат едногласни во одлуката.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top