Конструктивната праксија претставува високоорганизирана когнитивна функција која е клучна за способноста да се поврзат елементите во една целина. Оваа комплексна активност вклучува не само просторна перцепција, туку и координација, ориентација и планирање на движењата. Со други зборови, конструктивната праксија ни овозможува да ги препознаеме и распоредиме деловите така што тие ќе формираат комплетен, функционален и смислен објект. Конструктивната праксија не е вродена способност, туку се развива постепено преку практични активности и интеракција со околината. Како децата созреваат, така нивната способност за организација, моторна координација и просторна ориентација се зајакнува, што ја подобрува нивната конструктивна праксија. Раната возраст е клучна за развојот на оваа способност бидејќи токму тогаш децата најмногу експериментираат со предмети, го развиваат чувството за простор и почнуваат да ги согледуваат односите помеѓу различните објекти.
STIK (стик) тест е дијагностичка метода која се користи за процена на конструктивната праксија, односно способноста на детето да создава сложени форми од поединечни делови. Тестот е особено корисен за процена на когнитивните и моторните вештини поврзани со визуелната перцепција, просторната организација и моторното планирање. Може да се користи за дијагноза на состојби како што се развојни нарушувања, нарушувања во учењето, аутизам и други невропсихолошки состојби. Терапевтите можат да го користат овој тест и за процена на напредокот. STIK тестот се состои од 24 дрвени стапчиња во три основни бои (по осум стапчиња). Овие стапчиња се со иста должина, а нивната употреба овозможува тестирање на различни аспекти на конструктивните способности кај децата. Тестот треба да се спроведува во мирна средина за да се овозможи максимална концентрација. Просторот треба да биде организиран така што испитувачот и детето да имаат добар преглед на моделите и материјалите. Испитувачот дава јасно објаснување за процедурата и пример на едноставни модели за вежбање. Важно е да се објасни целта на тестот и како треба да се работи со стапчињата.
Начини на спроведување на STIK тестот: STIK тестот се состои од четири поттеста, секој со по десет задачи. Тестот се спроведува на следниов начин:
Поттест 1: Реконструкција според моделот – испитувачот и детето седат еден покрај друг, при што испитувачот е на левата страна од детето (ако десната рака му е доминантна), што овозможува добар увид во моделот што се поставува. Двајцата учесници добиваат по четири стапчиња од секоја боја. Се започнува со едноставни задачи, при што испитувачот покажува модел што детето треба да го повтори.
Поттест 2: Реконструкција на модел со ротација – испитувачот и детето седат еден спроти друг. Како и во првиот поттест, двајцата добиваат по четири стапчиња од секоја боја. Овој пат испитувачот претставува модел што детето треба да го повтори, но со дополнителен предизвик на ротација, односно огледално гледање (огледалски).
Поттест 3: Реконструкција според цртеж – вклучува давање модел претставен на хартија, кој детето треба да го репродуцира користејќи стапчиња. Секојпат се дава еден модел, со што се оценува способноста за визуализација и репродукција.
Поттест 4: Графичко претставување на моделот – се применува обратно од третиот поттест. Детето добива модел од стапчиња што треба да го претстави графички, односно да го нацрта, со што дополнително се проценуваат способностите за репродукција и графичко изразување.
За време на тестирањето, важно е да се следи како се однесува детето и како пристапува кон решавањето на задачата. Терапевтот му покажува на учесникот модел со форми кои треба да ги состави користејќи ги стапчињата. Моделите може да бидат едноставни или сложени, зависно од возраста и когнитивното ниво на детето. При изведбата обично се бележи времето потребно за извршување на задачата, како и точноста во создадената форма, се бележи начинот на кој детето поставува стапчиња, како ги забележува грешките и времето потребно за решавање на задачата. Секое отстапување од моделот може да укаже на тешкотии во конструктивната праксија. Овој тест се применува кај деца во предучилишниот и раниот училиштен период (од 5-6 години и повеќе.) Со STIK тестот се оценуваат повеќе когнитивни и моторни аспекти, вклучувајќи: просторна ориентација, визуелна перцепција, моторно планирање и фина моторика. По завршувањето на тестот, испитувачот го анализира начинот на решавање задачи, како детето им пристапува на задачите, стратегиите што ги користи, колку грешки прави и како реагира на грешките. Го оценува и времето потребно за завршување на задачите за да се види и нивото на концентрација и внимание. Оцената на извршените задачи овозможува увид во способностите на детето за визуализација и манипулација со елементите.
Како специјален едукатор и рехабилитатор, ја давам следнава забелешка и насока: испитувачите треба да бидат обучени за правилно спроведување на тестот и анализа на резултатите. Примената на STIK тестот може да биде дополнета со активности и игри кои ја поттикнуваат конструктивната игра, со цел да се зајакнат оценетите способности и да се поддржи понатамошниот развој на детето. Со оваа анализа на STIK тестот и конструктивните способности, сакам да ја поттикнам важноста на конструктивното учење и развојот на децата, што е основа за нивниот успешен напредок во учењето и животот.
Автор: Марија Давчевска, специјален едукатор и рехабилитатор/ наставник- ментор
912