Секое дете е малечко чудо чие напредување во првите денови и месеци се набљудува под лупа. Првата насмевка, следење шарени предмети во видното поле и реакциите на луѓето од околината, често се толкуваат како ран знак дека пред нас е напредно дете. Потоа на тоа се надоврзуваат првите зборови, првите научени букви, помнење на низа поими што го заинтересирале детето.

Често се мисли дека на таквиот развој може да влијаат родителите со секојдневно читање, заеднички игри и активности, иако истражувањата на Универзитетот во Флорида покажале дека на едно подрачје родителските активности немаат долгорочно влијание, а тоа е коефициентот на интелигенција. Но, психологот Џејмс Т.Веб во својата книга „Водич за родителите на надарени деца“ – напоменува; не заборавајте да ги поттикнувате децата во нивниот развој и да ги охрабрите да продолжат да се занимаваат со она што им причинува задоволство и што ги интересира, бидејќи самите предиспозиции и интелигенцијата не се доволни за животниот успех.

Дури и на најмногу надарените им се случува да изгубат интерес за нешто што вообичаено го сакаат бидејќи програмата им станала премногу здодевна и неинтересна или наставникот премногу внимание дава на други деца, на кои им е потребен поголем труд за да го совладаат материјалот, покажало истражувањето објавено во списанието „Психолошка наука“.

Таквите препреки често ги одвлекуваат и надарените деца од патот и резултираат со насобирање фрустрации и откажување од целта, баш како што им се случува и на децата на кои им е тешко да одржат чекор со врсниците. Затоа е најважно водењето од родителите – да го набљудуваат детето и да реагираат благовремено, штом ќе забележат промена во однесувањето. Пред да му дозволите на детето да престане да оди во музичко училиште и да свири на инструмент или да реализира некоја друга активност, уверете се дали навистина го изгубило интересот за тоа или се работи за некој проблем на училиште. Исто така, не инсистирајте да продолжи понатаму ако не сте сигурни дека тоа не е навистина негова желба, туку ваш неисполнет сон од детството.

Пред одлуката, разговарајте со детето и со неговите наставници. Исто така, ако детето посака да дознае нешто повеќе од новата лекција, немојте да го прекинувате или да го одвраќате од тоа затоа што вие не сакате или немате време. Некогаш самите деца посакуваат малку повеќе содржини од она што го добиваат на училиште, па помогнете им да дојдат до нив. Побарајте заедно на интернет нешто за она што го интересира, понудете му книги и енциклопедии кои ги имате и заедно побарајте одговори на неговите прашања.

Исто така, може да посетите и некоја работилница, предавање или музеј, советува Џули Дадлчи, директорка на Институтот за развој на таленти „Давидсон“ во Рено. На тоа се надоврзуваат Дона Метјуз и Џоен Фостер, авторки на книгата „Од другата страна на интелигенцијата: Тајни за одгледување среќни продуктивни деца“, кои велат дека работата на мозокот ја поттикнуваат: гласното читање, посетите на музеи, прошетки низ природа и креативно учествување во уметнички проекти.

Но, покрај тоа, напоменуваат експертите, постојано треба да се разговара со детето за неговите желби, чувства и афинитети. Така, не само што придонесувате детето да ви биде „попаметно“, туку го поттикнувате и развојот на неговата самодоверба бидејќи чувствува дека е сакано и дека го слушате. Не смее, предупредуваат психолозите и педагозите, императив на родителите во нивните постапки да им биде детето да го прават „попаметно“, дури и кога тоа би можело, туку да го подготват за животот и да му овозможат да се развие во задоволна личност која ќе го оствари својот потенцијал.

Автор: Снежана Бабиќ Вишниќ

Извор



912

X