Голем дел од новите родители ќе се согласат дека доаѓањето на бебето во семејството создава голем стрес. Покрај грижата за новороденчето, родителите често се под стрес и поради промените во нивната врска.
Нивното ниво на задоволство како двојка нагло опаѓа и расправиите може да се зачестат. Проблемот се чини дека е универзален и се засегнати партнери од сите социо-економски класи. Ова се некои од најчестите проблеми со кои се соочуваат партнерите на почетокот на родителството.
Почесто се расправате поради новите обврски
Голема е можноста и двајцата партнери да работеле полно работно време пред да пристигне бебето. Но, сега еден треба да остане дома и да се грижи за бебето, а тоа честопати значи дека поголемиот дел од домашните обврски паѓаат врз него. Другиот партнер може да се враќа доцна по работа и да нема многу енергија за да помогне, што може да ја налути другата страна.
Решение: Наместо да се расправате за тоа, можете љубезно да го замолите партнерот да направи нешто.
Вашите стилови на родителство се различни
Донесувањето одлуки за детето понекогаш може да биде незгодно. Вие и вашиот партнер сте две различни личности и природно е некогаш да не се согласувате за методите за родителството.
Решение: Важно е да седнете и да ги слушнете ставовите на другата страна. Нема правилно или погрешно, треба да донесувате одлуки базирани на она што е најдобро за вашето дете. Оставете го егото настрана и оставете простор за конструктивна критика. Воздржете се од решавање на несогласувањата пред детето.

Немате слободно време ниту за себе ниту за вашата врска
Пред да добиете бебе, имавте време да излезете и да уживате. Но сега вашето бебе го бара целото време и внимание. Заборавате да си дадете малку слободно време надвор од домаќинството, а исто така се чувствувате како да не сте поврзани со партнерот како што некогаш сте биле.
Решение: Двајцата партнери треба да поминат извесно време одделно за да го задржат здравиот разум. Најдете активност што ќе ве опушти и обидете се да издвоите време за да го направите тоа. Сепак, ќе треба да ги намалите очекувањата и да си признаете дека имате помалку слободно време отколку пред да се роди бебето.
Исто така, не треба да заборавите дека и вие како двојка имате потреби. Побарајте од член на семејство или близок пријател да ви ги почува децата за да можете да уживате во слободното време со партнерот.

Се грижите за парите повеќе отколку претходно
Финансиската анксиозност може да почне уште во првите денови од бременоста и да расте со години по раѓањето на бебето. Не сте навикнати да се грижите и за друга личност, а пресметувањето на сите трошоци може да создаде стрес и за вас и за партнерот.
Решение: Треба да почнете да штедите пари пред породувањето и да одлучите кој ќе биде задолжен за финансиите. Исто така, треба да одлучите колку долго нема да работите за да се посветите на грижата за детето.
Вашиот партнер донесува одлуки без да се консултира со вас
Кога сте во сериозна врска, вашите одлуки влијаат и врз вашиот партнер. И сосема е природно што ќе треба да донесете многу повеќе одлуки откако ќе пристигне бебето. Сега и двајцата треба да направите многу компромиси. Сепак, во многу ситуации еден донесува одлуки самостојно без да се консултира со партнерот, и ова е нешто што често создава конфликт.
Решение: Треба да разговарате со вашиот партнер и да ја разберете неговата гледна точка. И кога ќе го направите тоа, мора да го почитувате и да не го критикувате. Исто така, важно е да имате доверба во вашиот партнер кога тој треба да донесе одлука самостојно и да не му судите постојано.