Професорките Четелава-Белевска и Шамоска-Буџаковски, две виртуозни пијанистки со меѓународна слава и богато професорско портфолио, ја ставија Битола на светската мапа на пијано-натпреварите за деца од школска возраст

М-р Марија Шамоска-Буџаковски и м-р Јана Четелева-Белевска, кои во 15-годишната педагошка кариера имаат освоено по над 50 први награди со ученици на државни и меѓународни натпревари, како и специјални награди со сите можни бодови, го создадоа „Пијанофест“. Фестивалот три години, во живо и онлајн, ги собира најдобрите млади пијанисти од светот.

Годинава во ноември учествуваа 100 млади пијанисти од 19 држави. Од опкружувањето, до Америка, Кина, Индонезија, Монголија, на овој фестивал настапиле околу 400 деца.

И со скршена нога дојде да свири на фестивалот

– Ние секогаш работиме на подигнување на духот, љубовта и мотивацијата за свирење на пијано, се трудиме да го пласираме најдоброто. Колку е важно учеството за децата, покажува случката пред две години што многу нѐ трогна. Тоа беше моментот кога наградата од страна на Општина Битола му беше доделена на млад талент од Охрид кој и со скршена лева нога дојде да се претстави на натпреварот и ја воодушеви публиката со неговиот настап – велат професорките.

„Пијанофест“ е основан од Здружението на пијанисти и музички педагози „Пијано– Битола“. Целта е подигнување на нивото на културниот живот, проширување на погледите во областа на класичната музика, подобрување на стандардот во наставата по пијано, размена на идеи и искуства, како и обезбедување можности за афирмација на талентираните деца во јавниот живот. На него учествуваат млади пијанисти од 6 до 18 години. Најмалите со програма до 5 минути, а најголемите со четири пати подолга. Покрај дисциплините пијано-соло и пијано-облигати, има и дуо-пијано.

Главна награда лауреат на натпреварот ја добива највисоко рангираниот натпреварувач, кој добива диплома и парична награда. Се доделува и награда за најмлад и најпросперитетен пијанист „Томислав Зографски“ за најдобро изведено дело од истоимениот композитор. Наградениот натпреварувач добива подарок – филигран како награда од фондацијата.

– Многу прекрасни изведби прозвучија изминативе три години и оставија трајни вредности на натпреварот. Од поистакнати млади пијанисти можеме да го споменеме лауреатот на минатогодишниот „Пијанофест“, Звјездан Војводиќ, млада пијанистичка ѕвезда од Хрватска, талент за кој уште многу ќе се слуша. И не би издвојувала уште некој бидејќи секое дете што достигнало ниво да се пријави на одреден натпревар веќе ја носи таа пијанистичка ѕвезда и тој квалитет за еден ден да биде истакнат пијанист, секако со труд и работа – вели Четелава-Белевска.

Битолчани од пет-шест години учат да свират на пијано

Можеби и нема поприродна средина каде што би настанал ваков фестивал во земјава од Битола, која од 19 век влече традиција на град на клавири. И денес младите битолчани од пет-шест години одат во музичкото училиште и учат да свират на пијано.

– Битола е град на пијанисти, а одраз на тоа е интересот за пијаното, кој беше и е инструмент кој најчесто го избираат дечињата што доаѓаат на упис во музичкото училиште. Ова е можеби резултат на традицијата на градот познат по клавири, со богато музичко минато, од кој излегле многу музички таленти кои поминале токму низ клупите на Државното музичко училиште. Дел од нив сега концертираат на големи сцени низ светот – вели Шамоска-Буџаковски.

Двете се професорки во Државното музичко училиште и постигнуваат големи успеси со учениците. Велат музиката има големо позитивно влијание врз психичкиот развој на децата. Како музички педагози, сугерираат негување на музиката, особено класичната, од најмали нозе. Таа има и благопријатно дејство врз интелигенцијата, како и огромно влијание врз градењето на музичката култура уште од раните детски години. Пожелно е секое дете уште на почетокот на школскиот процес да се образова музички, но тоа да биде во музички училишта, за еден ден кога ќе порасне, да биде дел од музички едуцирана публика со вистински вредности кон културата.

Работат со страст и љубов кон професијата како и првиот работен ден

– Како професорки по пијано, страста и љубовта кон оваа работа е иста како и првиот ден кога се вработивме. Тајната на убавината на оваа професија е спојот на децата со музиката. Нивната прекрасна, чиста душа. Во класите по пијано во нашето училиште имаме прекрасни ученици со кои се гордееме и со кои редовно одиме на натпревари, учествуваме на концерти, семинари. Некои веќе се студенти на познати светски универзитети, но никогаш не забораваат кога доаѓаат во Битола да нѐ посетат и да ги споделат со нас искуствата. Тоа е доказ дека нашата врска е нераскинлива. Професорската работа е света, одговорна задача која ни е доверена и треба достојно и со голема љубов да ја негуваме – додаваат професорките.

Со учениците за 15 години двете освоиле по околу 50 први награди

Марија Шамоска-Буџаковски дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на м-р Милица Шперовиќ-Рибарски. Има учествувано на многу натпревари. Добитник е на многу награди: прва на “Francesco Forgione” во Италија, трета на натпреварот “Genova” во Џенова, специјална награда за најдобро изведено македонско дело на натпреварот „Интерфест“ – Битола, второ место со клавирско трио на државен натпревар во Скопје, повеќе награди во рамки на камерни состави. Учествувала на семинари кај познати пијанисти: Макико Хирата, Марчела Крудели, Даниела Морели, Акилес дел Вињ, Андреј Диев, Данг Таи Шон… Моментално работи како професор по пијано и музички соработник во Државното музичко училиште во Битола. Со своите ученици на натпревари освои над 50 први награди.

Јана Четелева-Белевска дипломира во Софиската музичка академија „Панчо Владигеров“ во класата на Антон и Елена Дикови. Магистерските студии ги заврши со целосна стипендија на Универзитетот на Јужна Флорида – САД, каде што работеше како асистент по пијано. Добитник е на многубројни награди на Државен натпревар – Скопје, „Петар Коњовиќ“ – Белград, „Млади виртуози“ – Софија, „Интерфест“ – Битола, „Исидор Бајиќ“ – Нови Сад, „Клауд Кан“ – Париз, „Темпе“ – Аризона. Две години ја посетуваше летната школа Моцартеум во Салцбург. Соработуваше со врвни уметници: Тамара Подубнаја, Марчела Крудели, Андреј Диев, Акилес дел Вигн, Павел Гилилов, Антон Диков, Јосип Јермин, Рената Фишер, Ребека Пинис, Џон О’Конор… На 16 години настапи со Македонската филхармонија, а во 2008 беше избрана од цела музичка академија како единствен студент кој настапи со Софиската филхармонија. Учествуваше на концерти низ Америка, настапи во Њујорк. Моментално работи како професор по пијано во Државното музичко училиште, каде што нејзините ученици се добитници на многу награди.

Фото: приватна архива



912

X