Она што влијае врз отпорноста на децата по разводот на нивните родители не е разводот сам по себе, туку квалитетот на односите помеѓу родителите, истакнува професорката Драгана Батиќ, авторка на книгата „Децата и разводот: Психологија на разводот од перспектива на децата“
Какво е влијанието на разводот на родителите и на семејната структура врз менталното здравје на децата и на адолесцентите? Како да се надмине оваа стресна ситуација и да се продолжи со нормален живот? На овие и уште многу значајни прашања за психолошката состојба на потомците при пропаѓањето на еден брак одговара универзитетската професорка Драгана Батиќ во својата книга „Децата и разводот: Психологија на разводот од перспектива на децата“.
– Кај нас многу малку се зборува и се пишува за темата развод и за децата погодени од разводот. Родителите што се разведуваат често се во дилема како разводот ќе влијае врз нивните деца, дали е подобро да им кажат или да премолчат и да го остават тоа за некој „подобар“ период, на кој начин да им ја соопштат нивната одлука, дали ги повредуваат со одлуката да се разведат, дали е подобро да останат во брак „заради децата“, без оглед колку им е несреќен бракот – посочува професорката Батиќ.
Како влијае разводот?
Книгата „Децата и разводот: Психологија на разводот од перспектива на децата“ е замислена како „буквар“ за разводи со оглед што се занимава со појави и процеси кои се поврзани со разводот: разводот како стресен настан, емоционалните фази на разводот, реакциите на децата на разводот, карактеристиките на семејствата со поинаква структура како последица од разводот (еднородителски и комбинирани), како и можноста семејството да се структурира и повторно да биде функционално по разводот, дополнува Батиќ
Оваа книга се обидува да одговори на прашањето за односот меѓу разводот на родителите како стресен настан, семејната структура и менталното здравје на децата и на адолесцентите.
– Посебно внимание е посветено на тоа како децата на различна возраст реагираат на разводот на родителите. Наведени се и начините на злоупотреба на децата во процесот на развод, особено синдром на отуѓување на дете од родител, како вид емоционално злоупотребување на децата и што би требало да се преземе тоа да се спречи – споделува Батиќ.
Авторката е доктор по психологија
Всушност, книгата е адаптирана и дополнета верзија на монографијата „Децата и разводот од перспектива на адолесцентите“ (Deca i razvod: Perspektiva adolescenta, Белград, 2010), која, пак, е приредена студија заснована на докторската дисертација на професорката д-р Драгана Батиќ, насловена „Менталното здравје на адолесценти на разведени родители: Ризици и резилиентност“ (Mentalno zdravlje adolescenata razvedenih roditelja: Rizici i rezilijentnost, Нови Сад, 2009).
Авторката е доктор по психологија, со повеќегодишно практично искуство како психолог во работа со семејствата кои поминуваат низ разводот и нивните деца, во Центар за социјална работа во Скопје. Книгата е резултат не само на повеќегодишно искуство на авторката, туку и од научното истражување спроведено на адолесценти на разведени родители кај нас, а се темели и на истражувања од релевантни автори на кои таа реферира во својот труд,
На семејството се гледа од аспект на системската семејна теорија и терапија, а посебен акцент е ставен на резилиентноста (отпорноста) кај децата, како одговор на стресните животни случувања. Во книгата се споделени и описни и анонимизирани примери од практиката, за тоа како членовите на едно семејство во трансформација се адаптираат или даваат отпор на промените во семејната структура.
Да не се ставаат децата во „средина“
Често се поставува прашањето дали разводот секогаш е штетен за децата и што треба да се направи за да се заштитат од последиците од разводот?
– Разводот на родителите не мора да го загрози менталното здравје на децата доколку родителите продолжат да комуницираат во однос на децата и доколку не ги ставаат децата во „средина“. Конфликтот, пак, помеѓу родителите, предизвикува конфликт на лојалноста и ги турка децата во ситуација да избираат страна, со што го отфрлаат едниот родител кој го сакаат за да ја обезбедат љубовта од „другиот“ родител, обично на оној со кого живеат. Оваа ситуација е емоционално штетна за децата и резултира со губење на самопочитта и доживување зголемен стрес. Спротивно на тоа, оние деца чии родители не се во меѓусебен конфликт се ослободени од конфликтот на лојалност и доколку родителите комуницираат, имаат чувство дека тие се грижат за нив, што прави да се чувствуваат сигурно, им ја зголемува самопочитта и го намалува стресот. Она што влијае врз отпорноста на децата по разводот на нивните родители не е разводот сам по себе, туку квалитетот на односите помеѓу родителите – истакнува Батиќ.
Потребна е медијација меѓу родителите при разводот
Резултатите од прикажаното истражување одат во прилог на тоа дека и во различни форми на семеен живот (еднородителски и комбинирани), родителите можат квалитетно да се грижат за своите деца и дека можат да одгледаат психички здрави деца, односно дека овие семејства се функционални и добри за развој на децата исто како и нуклеарните семејства кои неправедно се глорифицираат од страна на општеството.
– Ова оди во прилог на уривањето на митот дека разводот секогаш е негативен и дека остава трајни последици врз децата. Иако се менува структурата на семејството, родителите би требало да продолжат да ги остваруваат своите родителски улоги и понатаму да останат одговорни за емоционалните и економските потреби на детето. Медијацијата при разводот и психосоцијалната интервенција во работата со децата и родителите, низ групни работилници можат значително да придонесат за побрзо надминување на кризата по разводот – потенцира професорката.
912