Преку сказните, детето го согледува она што културата сака да го премолчи, правејќи се дека не постои темната страна на човековата личност и мрачната страна на животот
Читањето приказни на децата е несомнено една од најубавите навики што може да ги изградите со вашите деца. Модерниот ритам на секојдневието налага родителите да имаат сѐ помалку време, но тоа не е оправдување во денот да се најде барем половина час за да се прочита некоја приказна, да се поразговара со детето. Тоа делува позитивно и на децата, но и на возрасните, вели науката.
Фантазијата на писателите не знае за граници, децата учат од приказните за сите животни лекции, некогаш на поедноставен, а некогаш на посуров начин. Родителите често имаат дилема како да им се пристапи на тие приказни или делови во приказните каде што треба детето да се соочи со потешки прашања, како што е смртта на близок член во семејството (најчесто мајката), со насилството…
Терапија со сказни
На темата разговаравме со проф.д-р Весна Мојсова-Чепишевска редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, каде предава група предмети од Современата македонска книжевност и култура и Книжевност за деца. Мојсова-Чепишевска не смета дека треба да се има специјален пристап кога се читаат светски познатите приказни. Таа е повеќе загрижена, колку навистина родителите на своите деца.
-Сказните не само што го збогатуваат внатрешниот живот на детето, туку имаат и вистинско терапевтско дејство. Во светот одамна се практикува т.н. библиотерапија или терапија со сказни. Сказната немилосрдно го соочува детето со грубата стварност: отворено говори за секој проблем кој се јавува во рамките на семејството и општеството. Зборува/раскажува за насилството, го соочува детето и со смртта, со заминувањето на најблиските, саканите. Сказните оставаат силен впечаток врз децата и со воодушевување преземаат одредени модели на однесување и идеи за разрешување на одредени проблеми. Но, понекогаш помислувам дека читањето сказни пред спиење е повеќе наменето за возрасниот читател, отколку за детето слушател. Така што, литературата има таква моќ и креативност да го разбуди детето во возрасниот читател – категорична е професорката.
Една од најчестите појави во светските приказни е смрт на мајка и појавување на лоша маќеа. Мојсова-Чепишевска објаснува зошто токму тоа се провлекува низ повеќето приказни создадени од 17 до 19 век.
-Тоа е така во сказните од дамнината… онака како што ги запишале и адаптирале Перо, браќата Грим, Цепенков, Шапкарев… И како такви преживеале до ден денешен. А такви се зашто тогаш кога се запишани и објавени владее еден модел на семејство, денес во 21-от друг модел. И токму затоа, денес се пишуваат и малку поинакви приказни и сказни. На пример, извонредната книга „Девојчето од мраз и други бајки“ од младата хрватска авторка Мила Павиќевиќ, за која таа ја доби и Европската награда за литература, нуди сосема свои, поинакви приказни. Овие свои сказни таа ги пишува на 19 години. Така, нејзиното пишување сказни може да се чита и како еден иницијациски чин. Живеејќи со сказните и пишувајќи ги своите сказни таа го напушта детсвотото, но не се збогува со него. Ја подотвора вратата на светот на возрасните и зачекорува носејќи го длабоко во себе детето. Сите 13 приказни си поигруваат и со матрицата на сказната и со познатите ликови од сказната, како Снежана, или Трнорушка, Пепелашка, Јовче и Марика, Добрата Самовила, џуџуњата… и со магичните предети од типот на волшебен чешел, волшебно стапче и докрај ја одржуваат тензија за немање јасна граница или контраст меѓу реалното и измисленото, меѓу можното и неможното, меѓу јавето и сонот. И скоро сите суптилно ставаат акцент на страста за сонување и на потрагата по среќа.
„Девојчето со кибритчињата“ и не е толку тажна
Кога ќе се спомне тажна детска приказна од светската литература, на многумина прво им паѓа на памет на „Девојчето со кибритчињата“. Соочувањето со гладта, суровиот свет, но и смртта понекогаш кога се поставува на театарска сцена, режисерите се трудат да го претстават не премногу тажно.
За Мојсова-Чепишевска тоа и не е толку тажна сказна. Оваа приказна на Ханс Кристијан Андерсен „дава одговори и на некои прашања кои ние возрасните сакаме да ги премолчиме“, вели професорката.
-А ако не сакаме да зборуваме, тогаш барем да раскажуваме… да ја раскажуваме токму „Девојчето со кибритчиња“. Преку литературата за деца, поточно преку сказните, детето го согледува она што културата сака да го премолчи, правејќи се дека не постои темната страна на човековата личност и мрачната страна на животот. Така, и авторката што ви ја споменав, Павиќевиќ, воопшто не ги премолчува ниту грубоста и лошотијата, ниту пак болката и тагата, ниту пак стравот од смрт и самата смрт. „Пораката која сказната им ја дава на децата е следнава: животот е борба, но оној кој нема да се повлече туку непоколебливо ќе се соочи со животните проблеми и ќе ги совлада сите животни препреки, на крајот ќе излезе како победник.“ ќе напише во својата книга „Триножникот на Цепенков и каучот на Фројд “ мојата колешка Нина Анастасова- Шкрињариќ, исто така професорка на Филолошкиот факултет – вели Мојсова-Чепишевска.
Приказните секогаш го одразуваат времето во кое настанале, вели Мојсова-Чепишевска. Но, една од најбезвременските книги во нашата литература за деца, е „Зоки Поки“. Во една од приказните од книгата, бабата му вели на Зоки: „Ти, неранимајко, ти непослушко, знаеш ли дека ќе те натепам толку убаво што ќе запомниш?“ А тој, и одговара: -Ако, бабице ако! Натепај ме, убаво натепај ме! Само те молам, зборувај ми. Не можам кога не ми зборуваш…“
-Приказните за Зоки Поки се текст-меѓник во македонската литература за деца и тој, за жал или за среќа, сè уште не може да оди во пензија. Зашто и покрај тоа што еве како во оваа случка што сте ја издвоиле се зборува за ќотек, авторката не пишува дека навистина бабата дигнала рака за да го истепа својот внук. Во „Зоки Поки” со полн спонатанитет се усогласени атрибутите на реалното и фантастичното, стварното и измисленото, за да триумфира играта, за со неа да се остварат поетичките задачи на модерната проза за деца. Приказната, која и да е, има свој инфантилен тек, но во рамките на стандардот со кој се претпочита „детскиот аспект”, во рамките на едно слоевито раскажување во кое непрекинато се чувствува духот на детството.
Извор: факултети.мк
912