Овој буквар може да биде и сака да биде буквар за секое дете. Тој колку што е буквар за секое дете, толку е и буквар за секој возрасен, рече проф. д-р Мојсова-Чепишевска
„Букварот на Биби“ е и книга, и сликовница, и боенка, и цртанка, и вежбанка. Тој е и ука и наука, и поука и игра, истакна Весна Мојсова-Чепишевска, професор по Книжевност за деца на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, на промоцијата на „Букварот на Биби“. Водејќи ја презентацијата, професорката даде свој стручен осврт за ова издание. Со неа беше и петгодишната внука Илина, која не ја криеше радоста што ќе запознае дел од креаторите на нејзините омилени ликови од „Светот на Биби“.
– Овој буквар може да биде и сака да биде буквар за секое дете. Тој колку што е буквар за секое дете, толку е и буквар за секој возрасен. Возрасниот ќе му помогне на детето да ги проследува содржините, да ги следи буквите, да ги направи вежбите и да научи да чита додека сè уште е во фаза на слушател. „Букварот на Биби“ има и забавен карактер, но тоа е така само на прв поглед. Зад забавниот карактер се крие, ненаметливо, неопходната дидактика. Од првата до последната страница, од првата до последната научена буква, „Букварот на Биби“ нуди развивање на визуализацијата на читателот, како и на фините моторички вештини. Како? Преку цртањето и боењето, а потоа и преку пишувањето. Но тој нуди развој и на емоционалните вештини преку прераскажувањето, раскажувањето, дораскажувањето и преку пеењето – рече проф. д-р Мојсова-Чепишевска.
Од друга страна, додаде таа, овој буквар ненаметливо се доближува и кон барањата на наставната програма. Тој нуди нови и интересни јазични играчки, како што би ги нарекол премудриот Цепенков.
– Букварот е исполнет со брзозборки, со гатанки, има мали сцени, мали драмски игри, има басни… Исто така, тој учи и како се брои, но и како се подредуваат броевите. Тој нè учи за професиите, за омилените спортови, но насочува и кон други уметности, како што се: музиката, стрипот, филмот, театарот… Овој буквар ги има сите тие моменти. А, нè учи и на правописот, но и на краснописот – на убавото пишување. За да биде уште поигриво, некои од задолженијата се дадени во облик на крстозбори, осумнасочници, ребуси. „Букварот на Биби“ тргнува од тоа да не да се следи азбучниот редослед, туку го следи редоследот по кој се изучуваат буквите. Секако, имајќи ги предвид актуелните буквари со кои учат и се описменуваат македонските деца. Тој нема намера да ги истисне или да ги замени официјалните буквари, сака да му биде побратим на тој буквар, или другар на сопственикот на букварот. „Букварот на Биби“ може да биде другар на секое дете – истакна проф. д-р Мојсова-Чепишевска.
Повеќе од излагањето на проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска за „Букварот на Биби“ можете да проследите на видеото.
912