Игротека

Проблемите на „саканите деца“ се нов предизвик за психотерапевтите

Новите генерации пораснаа и дел од нив започнаа да одат на психотерапевт поради различни проблеми. Како што голем број припадници на одредена генерација имаат заеднички особини, психотерапевтите почнаа да забележуваат разлики во однос на пациентите од постарите генерации.

Станува збор за две генерации „сакани деца“: генерацијата Y, во која спаѓаат родените меѓу 1980 и 1994 година, кои денес имаат меѓу 26 и 40 години, и припадниците на генерацијата З, позната како интернет-генерација, во која се вбројуваат родените меѓу 1995 и 2005 година, кои денес имаат меѓу 15 и 25 години.

Проблемите на новите генерации

Психотерапијата се развила преку работа со „несакани деца“, односно со оние што биле премногу строго воспитувани, со деца чии родители не покажувале љубов или со оние што во детството биле запоставени или малтретирани. Новите клиенти кои биле „сакани деца“ им донеле нови предизвици на психотерапевтите. Еден познат американски психотерапевт со долг стаж метафорично изјавил: „Додека порано нашата работа беше како киселина што раствора и отстранува тврдокорна наслага, денес повеќе наликува на лепило.“

Во што се разликуваат овие две генерации „сакани деца“? Припадниците на генерацијата Y често се нарцисоидни, егoцентрични, со нереално позитивна слика за себе, арогантни во комуникацијата, тежнеат кон хедонизам, немаат работни навики и вистинска желба да созреат и да преземат одговорност за себе и за другите. Припадниците на генерацијата З се попасивни, повлечени, зависни од родителите, свртени кон интернет-содржини, со погледите постојано вперени во екраните на нивните телефони.

Покрај поширокиот општествен и економски контекст, врз формирањето на одредена генерација значително влијае моделот на воспитување од дома, како и медиумските содржини што ги преплавуваат умовите на децата и младите. Додека припадниците на генерацијата Y се разгалени деца кои пораснале како жртви на попустливо воспитување што нудело љубов, но не и дисциплина, припадниците на генерацијата З најмногу ги обликувала појавата на паметните телефони, кои уште во рано детство ги „вградиле“ во својата личност и така се изложиле на претерано интернет-влијание.

Кои проблеми ги имаат овие деца?

Припадниците на генерацијата Y сметаат дека тие се центарот на светот и така продолжуваат, во поголема или помала мера, да се однесуваат во надворешниот свет: во односите со пријатели, партнери, на работа. Секогаш се во право, не признаваат грешки, а добронамерната критика ја доживуваат како напад на нивната личност. Како што минува времето, и покрај своите способности, поради недостиг на работни навики не успеваат да ја оправдаат претерано позитивната слика за себе, па вината за неуспехот ја бараат во другите. Едно истражување покажало дека 80 отсто од нив имаат животна цел да се збогатат, а 50 отсто сакаат да станат познати јавни личности.

Припадниците на генерацијата З се исплашени од надворешниот свет, за кој не се подготвени. Се чувствуваат сигурно во своите домови, а со светот комуницираат преку интернет и социјални мрежи. Многу се загрижени за себе и своето здравје, имаат лоша слика за себе, не затоа што родителите не ги фалат и не ги поддржуваат, туку затоа што се чувствуваат неприфатени од врсниците. Во емоционалниот развој доцнат три години. Во оваа група е многу изразена склоноста кон анксиозност, депресија и зголемен ризик од самоубиства.

Поставување дигитални граници

И во двете генерации физичкиот изглед и привлечноста се основни вредности. Причината е што немаат развиени социјални вештини и пасивно чекаат другите да им се приближат. А кога тоа не се случува, го обвинуваат сопствениот недостиг на „магнетна“ привлечност и почнуваат да мислат лошо за себе.

Што можат да заклучат родителите од ова? Прво, дека љубовта не е доволна. Потребно е и дисциплинирање, што значи поставување како авторитет кој некогаш мора да каже „Не смееш!“ и „Мораш!“ и кој повремено казнува. Потребно е поставување дигитални граници и ограничување на времето на користење дигитални екрани и интернет.

Потребно е на детето и на младиот човек да му се помогне да развие социјални вештини и да ја почувствува прифатеноста од своите врсници. Не треба да се гледа само како се чувствува детето, колку е среќно и сакано, туку да се запамети дека целта на воспитувањето е создавање самостојна и одговорна возрасна личност.

Извор

Поврзани написи

To top