Игротека

Проблеми од детството што влијаат врз појавата на анксиозност во зрелата возраст

Детството го обликува начинот на кој го доживуваме светот, луѓето и самите себе. Искуствата од раните години често оставаат невидливи траги што подоцна го одредуваат начинот на кој реагираме на стрес, конфликти и блискост со другите.

Иако многу деца со текот на времето учат да се справуваат со тешкотиите, постојат одредени обрасци што остануваат и во зрелата доба, особено ако не се научени да ги препознаваат или разбираат. Според советниците, токму неразрешените емоции и проблеми од детството можат да бидат темел на чувството на вознемиреност и несигурност што подоцна се појавува без јасна причина.

Растење во средина без емоционална поддршка

Децата што растат во домови каде што емоциите се игнорираат или потценуваат често учат да ги потиснуваат сопствените чувства. Во зрелата возраст тоа може да се претвори во проблем при препознавање и изразување на сопствените потреби, што создава постојан внатрешен немир. Кога човек со години не научил дека е во ред да побара утеха, секоја ситуација во која се чувствува ранливо може да ја активира анксиозноста.

Советниците објаснуваат дека ваквите лица често имаат впечаток дека мора да бидат „силни“ и самостојни по секоја цена бидејќи како деца научиле дека емоциите не се безбедни. Така, анксиозноста во зрелоста станува начин телото да го изрази она што некогаш не смеело да се каже со зборови.

Претерано критички настроени родители или родители кои бараат премногу

Децата што постојано добиваат пораки дека не се доволно добри често развиваат чувство дека мора постојано да ја докажуваат својата вредност. Тој образец лесно се пренесува на зрели години, каде што се јавува страв од грешки, вознемиреност во друштвени ситуации и постојана потреба од одобрување. Таквите луѓе ретко чувствуваат вистински мир бидејќи нивното чувство за сопствена вредност секогаш зависи од надворешно признание.

Експертите за односи истакнуваат дека од ваквото воспитување често произлегува таканаречениот „внатрешен критичар“, глас што постојано потсетува на грешките и ги намалува успесите. Кога тој глас ќе ја преземе контролата, анксиозноста станува секојдневен сопатник.

Непредвидлива или несигурна семејна средина

Децата што растеле во домови исполнети со напнатост кавги или емоционална нестабилност често развиваат зголемено чувство на претпазливост. Во такви околности детето учи дека светот може да биде непредвидлив и дека мора постојано да биде спремно. Кога ќе порасне детето, таа постојана будност се претвора во анксиозност и телото реагира како сè уште да е во опасност, дури и кога реално не е.

Експертите предупредуваат дека овие обрасци траат со години, сè додека личноста не сфати дека нејзините стравови не се реакција на сегашноста, туку на минатото. Затоа се препорачува создавање чувство на сигурност преку рутина, здрави односи и емоционална стабилност, односно средина што возрасниот човек може сам да ја изгради и со тоа да го надомести она што во детството недостигало.

Извор

Поврзани написи

To top