Една инјекција ме чини 250 денари. Во месец со 30 дена плаќам 7.500 денари за терапијата. Потоа сметката ја поднесувам во Фондот за здравствeно осигурување, па ми рефундираат 70 отсто од сумата, вели Весна Анастасовска

Од 7.500 до 23.250 денари (во зависност од дозата) месечно плаќаат бремени жени со високоризична бременост кои мора да го примаат лекот клексан (enoxaparin) во овој специфичен период од нивниот живот. Фондот за здравствено осигурување потоа им рефундира 70 отсто од сумата, но тие мора секој месец од свој џеб да издвoјaт пари за неопходната терапија која спречува згрутчување на крвта и појава на тромбофилија. Проблемот е системски. Клексанот во аптека може да се набави само приватно бидејќи не е на позитивната листа со лекови, туку на болничката листа со лекови. Пациентките може бесплатно да го примаат во некоја од болничките установи (преку болничката листа), но тоа најчесто се случува кога доаѓа време за пораѓање и на бремената жена ѝ се отвора картон во болницата. Тогаш терапијата ја добиваат бесплатно, но претходно сами ја набавуваат во сите месеци кога им е потребна.

Весна Анастасовска (37) прима клексан еднаш дневно, во домашни услови. На почетокот од бременоста правела испитувања во Институтот за трансфузиона медицина и во лабораторијата на Македонската академија на науките и уметностите, кои покажале дека има силни предиспозиции за тромбофилија. Поради возраста и сите резултати од параметрите во крвта, ја водат како високоризична бременост. Поради тоа, мора да прима клексан секој ден.

– Една инјекција ме чини 250 денари. Во месец со 30 дена плаќам 7.500 денари за терапијата. Потоа сметката ја поднесувам во Фондот за здравствено осигурување, па ми рефундираат 70 отсто од сумата. Минатиот месец во рок од три недели ми ги исплатија парите. Овој месец треба повторно да поднесам документи. Инјекциите ги ставам дома. Контрола на крвта правам на 21 ден во Институтот за трансфузиона медицина. Лекарката оценува дали ќе останам на оваа или ќе ми ја зголеми дозата. Во секој случај, клексан ќе примам во текот на целата бременост и одреден период откако ќе се породам. Терапијата е многу скапа, но немам избор, мора да ја примам – вели Анастасовска.

Од Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) објаснуваат дека тие не ги донесуваат политиките во здравството. Одговорни се само за исплатата во процесот на рефундирање на парите.
– Ние сме всушност финансиско-административна установа. Наша обврска кон овие пациентки е навреме да им рефундираме 70 отсто од сумата што ја платиле за клексани. Во моментот исплатите не доцнат, сè се одвива навреме – велат од службата за односи со јавноста во ФЗОМ.

Емилија Глигоров во текот на бременоста примила 108 клексани. Терапијата ја платила 27.000 денари, од кои 70 отсто ѝ биле вратени од Фондот. Таа платила 8.100 денари за терапијата.
– Иако сите велат дека за бремени жени „сè е бесплатно“, клексаните за мене беа огромен финансиски трошок бидејќи требаше однапред да ги платам. Без разлика дали имаш средства или не, треба да си ги набавиш. Точно, ти ги рефундираат, ама е знак прашалник кога – вели Глигоров.

Бремена се пожали дека цела бременост како да работи за да го купува лекот. Објаснува дека 70 отсто од парите се враќаат, но мора да ги обезбедиш за да го купиш.

Има и поинакви искуства. Пациентка што сакаше да остане анонимна вели дека примала клексан во текот целата бременост, но не платила ни денар.
– Со мислење од трансфузиолог одев во болницата за гинекологија во градот во кој живеам и таму ме боцкаа – вели таа.

Како да им се олесни бременоста на жените што примаат клексан, чиј број е многу зголемен во последните години? Ако веќе мора да ја платат терапијата, зошто веднаш да не платат партиципација во аптека наместо да ја плаќаат целата сума, па потоа да чекаат да им ги вратат парите?

Од Министерството за здравство велат дека законот за изменување и дополнување на Законот за здравствено осигурување е во собраниска процедура и во него е предвидено формирање на една комисија за позитивна листа наместо досегашните 14 комисии.
– По донесување на законот ќе се формира комисијата. Паралелно со ова се работи и на подготовка на подзаконски акти за утврдување на критериумите и методологијата на кој начин ќе се избираат лековите што ќе бидат ставени на позитивна листа – велат од ресорното министерство.



912

X