ПРАШАЊЕ: Изминатиов месец е хорор-филм со процесот на привикнување на градинка. Се работи за речиси 3-годишно дете кое веќе го почнува вториот месец во градинка, но без резултат. Не само што се соочуваме со плачење и одбивање наутро, туку и плаче во градинка. Коментарот на учителките е дека не игра со децата, само набљудува и кога нема да биде во близина учителката, почнува да плаче, а при земање секој ден е вознемирена. Најмногу нѐ исплаши моментот што не сака да оди повеќе на лулашки, а знае дека децата се таму и си играат. Ако ѝ пријде некое дете што ќе ја познае, бега и плаче. На секои 5 мин. повторува дека утре нема да оди во градинка и постојано плаче. Навечер се буди со плачење и не можам да ја смирам. Да не зборувам дека во меѓувреме има некоја страшна агресија, прави бељи да не знаеш како да постапиш. Едноставно не знам дали треба да бидеме трпеливи и упорни или можеби кај некои деца не треба форсирање. Ве молам за совет.
ОДГОВОР: Вашето девојче се соочува со сепарација, т.е. состојба на раздвојување од вас и влегување во нова средина, која психички не може да ја преработи. За неа, одењето во градинка значи губење на просторот на сигурност, топлина и предвидливост кој досега го имала во блиското семејно опкружување.
Кога зборуваме за одвојување, не зборуваме само за физичко разделување на детето и родителот, туку за еден длабок емоционален процес. Тоа значи дека во нејзината психичка реалност, кога вие заминувате, тоа ѝ изгледа како да сте исчезнале засекогаш.
Во такви моменти детето чувствува страв, загуба, несигурност, па дури и лутина.
Таа анксиозност не може да ja регулира преку зборови затоа што нејзиниот нервен систем сè уште не знае како да се смири сам, па се случуваат нарушување на сонот, засилена агресија, плачење без видлива причина, повлекување, обиди да ја врати контролата над нешто што ѝ предизвикува немоќ. Единственото нешто што ќе ѝ помогне во овој случај е стабилното, предвидливо и топло присуство на возрасен кој ја разбира.
Во вакви ситуации потребно е од ваша страна длабоко трпение, чувствителност и разбирање за она што моментално го доживува, бидејќи самата адаптацијата не се мери со тоа дали оди во градинка без солзи, туку со тоа дали постепено почнува да се чувствува сигурно кога не сте покрај неа.
Би препорачала привремено да се забави процесот, да се скрати престојот ако е можно, но не да се прекинува, и да се гради чувство на доверба меѓу детето и воспитувачката. Детето мора најнапред да ја доживее воспитувачката како фигура која може да ја „држи“ во вашето отсуство.

Самиот процес на адаптација бара време, затоа што сигурноста не се создава преку објаснување, туку преку повторување на искуството дека „мама секогаш се враќа“, дека „и во градинка сум безбедна со другите деца“.
За некои деца тоа чувство се гради за неколку недели, но кај поосетливи, поемпатични и посилно врзани деца со родителите, потребни се и месеци.
Во меѓувреме, дома нека нема карање и дополнителни објаснувања. Не избегнувајте ја темата за градинка, но зборувајте мирно и реално. Кажете ѝ што ќе се случи, со кои воспитувачки ќе биде, што ќе прави таму. Детето мора однапред да знае дека ќе се разделите, но и дека вие секогаш се враќате. Затоа останете доследни на она што го кажувате.
Создајте некој мал ритуал на разделба, на пр., бакнеж на рачето, прегратка и кажете: „Мама ќе дојде по тебе, или тато“. Не покажувајте преголема вознемиреност или преголема тага кога во тие моменти плаче, бидете смирени и разделбата нека биде кратка. Бидејќи секое плачење е начин на изразување на внатрешниот страв, наместо да ја тешите со зборови како „нема ништо страшно“, кажете: „Знам дека ти е тешко кога мама заминува. Ќе се видиме попладне, и јас ќе мислам на тебе.“ Играјте „градинка“ дома, таа нека биде воспитувачка, а нејзината омилена играчка „плаче“ кога мама заминува. Разговарајте со воспитувачките и ако може нека понесе со себе некоја мала играчка или омилена кукла која ќе биде замена за вас и која ќе ѝ дава сигурност. Бидејќи таа е во емоционален процес на созревање, помислете дека секогаш кога ќе ја оставите со љубов, без вина и без драматика, вие ѝ помагате да расте и да се привикнува.
Адаптацијата на градинка е првата поголема животна разделба, и колку и да изгледа тешка, таа е воедно и можност детето да научи дека светот надвор од домот може да биде безбеден, топол и предвидлив и дека сѐ ќе биде во ред.
Доколку ваквата состојба продолжи и понатаму, би било добро да се поразговара за да се види дали детето има поинтензивен облик на анксиозност на раздвојување, кој бара поспецијализиран пристап.
Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com
Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova