Игротека

Принцовите Хари и Вилијам откриваат зошто ги задевале во училиште

По повод одбележувањето на 70-тиот роденден на престолонаследникот, принцот Чарлс, снимен е и документарен филм каде што неговите деца, принцовите Хари и Вилијам, откриваат интересни детали за својот татко. И додека повеќето работи се типични за односите меѓу синовите и татковците, една анегдота е особено интересна.
Како што открија Хари и Вилијам, од својот татко наследиле, за некои луѓе, можеби чудна навика, особено затоа што се работи за членови на кралско семејство. Имено, и двајцата – исто како и нивниот татко – страсно се борат за зачувување на планетата и за чиста животна средина, но за една работа биле исмејувани од страна на своите другари во училиштето.

Станува збор за собирање ѓубре, хартии и друг ситен отпад, кои принцовите по навика ги собираат штом ќе ги забележат, а на што ги научил принцот Чарлс.
– Секогаш ме задеваа поради собирањето ѓубре. Никогаш тоа не го правев свесно. Се случуваше кога шетав некаде, ако здогледав ѓубре, да го соберам и да го фрлам во канта – се сеќава принцот Хари, додека неговиот постар брат, принцот Вилијам, се сети на необичните семејни одмори кога биле деца.
– Додека бевме помали, дел од одморот секогаш го поминувавме собирајќи ѓубре. За нас тоа беше сосема нормално, нешто што секој го прави. Одевме наоколу со стапови за собирање ѓубре и црни вреќи и собиравме сè што беше фрлено.

Поврзани написи

To top