Доц. д-р Слаѓана Анѓелкоска, психолог

Доц. д-р Слаѓана Анѓелкоска, психолог

Професор на Меѓународниот славјански универзитет „Г.Р.Державин" - Свети Николе и Битола

Повеќе од авторот

Повеќето млади на почетокот од брачната заедница имаат тешкотии во приспособувањето

Секој човек сам решава што му е важно кај партнерот. Со внимателно слушање и набљудување може да се открие какви се неговите очекувања. Голема е веројатноста дека голем број очекувања ќе бидат исполнети доколку се реални, а однесувањето на партнерот –зрело.

Вљубеноста е една од основите врз кои се заснова бракот, но вљубеноста е минлива состојба и доколку не постои реална основа за брак, има малку изгледи бракот да опстане. Ако партнерите меѓу себе се идеализираат и доколку не се доживуваат со маани и недостатоци, потешко ќе остварат квалитетен однос. Само емотивно зрела личност може вистински да сака и да го прифати партнерот без ограничувања.

Кога постојат вистински чувства и кога партнерите меѓу себе имаат целосна доверба, нема потреба од стравување дека ќе се загуби некое индивидуално право или некој ќе се најде во подредена положба.
Во фазата на вљубеност младите живеат во сопствен, имагинарен свет. Сепак, соочувањето со реалноста е неминовно. Во нивниот живот мора да има место и за други лица, особено за нивните деца откако ќе станат родители. Единствено зрели личности може да ја претворат вљубеноста во љубов, што подразбира целосна одговорност за постапките, прифаќајќи ги позитивните и негативните последици од одлуките.

Квалитетот и стилот на живеење во двојка почнува да се обликува уште во првите месеци на заедничкиот живот. Повеќето млади на почетокот од брачната заедница имаат тешкотии во приспособувањето, не само поради различните карактери, туку и поради различните информации за некои подрачја од животот во заедницата.
Во брачната заедница е неминовна потребата за прифаќање на новите улоги, формирање и усогласување на навиките. Исто така, се учи толеранција и разбирање, заедничко планирање на потомството и многу други нешта. Покрај заемното приспособување, партнерите ќе се соочат и со потребата повторно да ги дефинираат своите вредносни ставови.

Приспособувањето на заедничкиот живот почнува и преку навидум неважни ситуации бидејќи се работи за две личности што дотогаш живееле и се развивале одвоено. Затоа почетокот е прилично тежок и подразбира да се прифати нова улога: улога на маж и жена.
Заедницата е хармонична и поусогласена доколку постојат помали разлики во сфаќањето на улогите. Јасната и отворена комуникација ќе помогне да се доближат ставовите на новите улоги. Разбирањето меѓу партнерите значи и добро меѓусебно познавање, а тоа е особина што се развива. Потрeбно е да се биде реален и одговорен во прифаќање на личните улоги меѓу партнерите, но и новите улоги кон роднините, соседите, пријателите и колегите.



912

X